Анита Ангеловска-Бежоска е новиот гувернер на Народната банка на РМ
Пратениците ја избраа Анита Ангеловска-Бежоска за нов гувернер на Народната банка на Република Македонија. Ангеловска-Бежоска е првата жена гувернер на НБРМ. На новата позиција доаѓа од местото вицегувернер на НБРМ. Бежоска докторирала на Економскиот факултет во Љубљана, а постдипломски и додипломски студии завршила на Економскиот факултет во Скопје. Работела во Министерството за финансии, Меѓународниот монетарен фонд и во Народната банка на РМ.
Во Законот за Народната банка на Република Македонија се пропишува дека „Гувернерот ја претставува Народната банка; ги спроведува монетарната и политиката на девизен курс, како и другите политики во согласност со интерните правила и одлуки на Советот на Народната банка; одговорен е за извршување на одлуките на Советот на Народната банка и за контролата на управувањето и работењето на Народната банка; ги регистрира системите за плаќање, порамнување или клиринг во согласност со Законот за платен промет; одлучува за издавање на дозволи и согласности за финансиски институции и ги одзема издадените дозволи и согласности, во согласност со закон; презема мерки кон банки и други финансиски институции кои се предмет на супервизија на Народната банка или кон системите за плаќање, порамнување или клиринг, во согласност со овој или со друг закон и врши други работи кои со овој закон не се утврдени во надлежност на Советот на Народната банка.“
М.В