/ Прочитано:

2.175

Анкета на ИРИ: Расте оптимизмот за политичката ситуација и членство во ЕУ

Резултатите од анкетата на ИРИ спроведена во август 2017 година покажуваат дека меѓу испитаните граѓани на Македонија има голем пораст на оптимизмот во врска со политичката ситуација во земјата и изгледите за членство во ЕУ. Бројот на оние што сметаат дека Македонија сега е поблиску до пристапувањето во Европската Унија отколку кога го добила кандидатскиот статус е 41 процент, а поддршката за членството во Унијата и понатаму е многу силна и изнесува 77 проценти.

Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) денеска ги објави резултатите од анкетата која беше спроведена во август во која беа опфатени 1.105 испитаници на возраст над 18 години, а резултатите покажуваат дека меѓу испитаните граѓани на Македонија има голем пораст на оптимизмот во врска со политичката ситуација во земјата и изгледите за членство во ЕУ.

Имено, дури 44 проценти од испитаниците сметаат дека внатрешната политичка ситуација е мирна и стабилна. Во однос на ова прашање, пред само шест месеци, односно во март годинава, само 5 отсто од испитаниците сметале дека политичката ситуација во Македонија е мирна и стабилна. 44 отсто од испитаниците сметаат дека моменталната состојба е напната и неизвесна, што во споредба со анкетата на ИРИ од март е пад за 18 проценти кога по ова прашање дури 62 проценти се изјасниле дека моменталната состојба е напната и неизвесна. За 10 отсто од испитаниците ситуацијата е критична и нестабилна.

Бројот на оние што сметаат дека Македонија сега е поблиску до пристапувањето во Европската Унија отколку кога го добила кандидатскиот статус е 41 процент, а поддршката за членството во Унијата и понатаму е многу силна и изнесува 77 проценти.

Триесет и три проценти сега веруваат дека економијата ќе се подобри во текот на следните две години, што е зголемување за 12 проценти од март 2017. Исто така, се чини дека песимизмот во однос на квалитетот на животот во Македонија е намален, а бројот на испитаници кои сметаат дека нивниот квалитет на живот се влошува се намалил од 38 проценти во март 2017 на 24 проценти.

Според Јан Сурочак, регионалниот директор на ИРИ, резултатите се многу охрабрувачки, во споредба со претходните анкети во кои испитаниците изразуваа длабока вознемиреност и песимизам во врска со мирот и стабилноста во Македонија.

А. Б.