/ Прочитано:

416

Анкета на Народната банка: Банките и штедилниците најавуваат нови производи за „зелено кредитирање“

Речиси 90% од сите банки и штедилници кај нас сметаат дека климатските промени се важен извор на ризик за финансиската стабилност, покажува најновата Анкета за ризиците од климатските промени, којашто Народната банка ја спроведе на почетокот на 2022 година. Само 40% од банките и штедилниците имаат воведено нови производи и услуги како реакција на климатските промени. Сепак, 80% од испитаниците одговориле дека размислуваат да воведат вакви производи. Зелените кредити одобрени во приватниот сектор во 2021 година забележале раст за 2,7% во споредба со претходната година.

Анкетата покажува дека иако најголемиот дел од испитаниците ја препознаваат важноста на климатските ризици за финансискиот систем, сепак е мал бројот на банките и штедилниците коишто ги имаат земено предвид климатските промени во своите развојни планови. Исто така, помалку од половината испитаници имаат воведено нови производи или услуги како реакција на климатските промени. Главно, станува збор за кредитни линии од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за поддршка на конкурентноста на малите и средните претпријатија за проекти од енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија, како и заштита при работа и кредити за енергетска ефикасност преку програмата ГЕФФ на ЕБОР наменети за домаќинствата.

Сепак, охрабрува фактот што поголемиот број од банките и штедилниците планираат и размислуваат за воведување нови или за промена на тековните производи и услуги како реакција на климатските промени. Главно се посочува на производи од типот на кредити за финансирање енергетски ефикасни проекти и зелени кредити наменети за домаќинствата и корпоративниот сектор, како и зелено проектно финансирање. Голем број од испитаниците посочуваат дека планираат воведување на новите производи во 2022 година.

Улогата на регулаторите е особено важна за пристапот на институциите кон зајакнување на управувањето со ризиците од климатските промени. Активностите коишто ги преземаат централните банки за ублажување на несаканите економски последици од климатските промени, вклучително и на ефектите врз финансиските системи добиваат сѐ поголемо значење. Народната банка на Република Северна Македонија се приклучи кон овој тренд кон крајот на 2020 година, преку измена на Стратегискиот план. Со измената на овој документ, за првпат, како стратегиски приоритет се поставија и активностите поврзани со климатските промени, со цел да се даде придонес кон создавањето зелена и одржлива економија.

На почетокот на 2021 година, Народната банка презеде иницијатива и стана член на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (The Network of Central Banks and Supervisors for Greening the Financial System ‒ NGFS), во која членуваат 114 централни банки и супервизорски институции и 18 набљудувачи од целиот свет. Како членка на Мрежата, со свои претставници во нејзините работни групи, Народната банка активно ги следи иницијативите и активностите коишто ги преземаат централните банки во однос на следењето и управувањето со ризиците од климатските промени. Тековно, активностите на централните банки се главно насочени кон зголемување на свесноста на институциите за ризиците коишто произлегуваат од климатските промени.