/ Прочитано:

1.669

Анкета „Што мислат граѓаните за Народниот правобранител“

„Две третини од граѓаните (66,6%) знаат за постоењето на институцијата Народен правобранител, а солиден број се запознаени со дел од нејзините основни надлежности. За Народниот правобранител најмногу слушнале испитаниците од Источниот Регион – 85,2%, а најмалку оние од Полошкиот – 43,8%. Повозрасните граѓани се повеќе информирани за Народниот правобранител, додека младите од 18 до 29 години се најмалку информирани за постоењето на оваа институција.

Голем дел од граѓаните (76,3%) се подготвени да му се обратат на Народниот правобранител доколку им е повредено некое право. Овој висок процент покажува дека граѓаните ја препознаваат оваа институција како заштитник на нивните права наспроти државните и јавните институции.“

Ова се дел од резултатите што ги покажа Анкетата спроведена во рамките на проектот „Граѓанско набљудување на Народниот правобранител“, која беше спроведен од НВО Инфоцентарот со поддршка на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, чија цел беше да се утврдат перцепциите и ставовите на граѓаните за работата и перформансите на институцијата Народен правобранител.

Податокот што речиси половина од испитаниците не знаат каде и како да се обратат до институцијата Народен правобранител укажува на потребата од поголема промоција и видливост за нејзините надлежности. Исто така, анкетата покажува дека граѓаните го перципираат Народниот правобранител како професионален и транспарентен во својата работа.

М.В