/ Прочитано:

1.171

Антикорупциска со јавна опомена до пратеничката Павловска-Данева

Среда, 5 јуни 2013 – Државната комисија за спречување на корупцијата јавно ја опомена пратеничката на СДСМ, Ана Павловска Данева поради судир на интереси.

„Минатата 2012 година ДКСК во рамките на својата системска проверка на изјавите за интереси на избраните и наименувани функционери во законодавната власт, на осми јуни отвори предмет за судир на интереси на пратеничката во Собранието на Република Македонија избрана во 2011 година Ана Павловска-Данева. Таа истовремено со оваа функција обавува наставна дејност на Правниот факултет во Скопје и е управител на трговското друштво книгоиздателство МИ-АН. Судирот на интереси е констатиран поради тоа што во законот за пратеници е утврдено дека функцијата пратеник се обавува професионално и е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии кои се неспојливи со функцијата пратеник и не може да обавува каква и да е друга дејност што носи профит.

Утврдувајќи ја фактичката состојба ДКСК на 11.07.2012 година, согласно со своите надлежности од членот 21 од Законот за спречување на корупција, ДКСК и има доставено на пратеничката известување со барање да се откаже од управител на трговското друштво и да го отстрани судирот на интереси откажувајќи се по свој избор од едно од другите две својства поради кои се наоѓа во судир на интереси, односно од обавувањето професорска дејност или од пратеничката функција. Павловска-Данева на истиот датум до Централниот регистар има поднесено барање за промена на својата раководна позиција во трговското друштво, продолжувајќи и натаму освен пратеничката функција да обавува и наставна дејност“, се наведува во соопштението на Антикорупциска.

За конкретниот случај, како што велат оттаму, е важно што, поради фактот што кумулацијата на функции е најизразена форма на судир на интереси што се санкционира во законите за спречување на корупцијата и на судирот на интереси, Собранието на РМ на почетокот на оваа 2013 година направи измена во законот за високото образование која гласи: „Лице избрано во наставно-научно звање или соработничко звање на кое му мирува работниот однос поради вршење функција на избрано или наименувано лице не може да изведува настава или да спроведува испити, не може да биде ментор или член на комисија за оценка или одбрана на магистерски труд и докторска дисертација и не може да прима надоместок од високо образовната установа за извршена наставна, научно-истражувачка или применувачка дејност.“ И покрај ваквата законска норма, Павловска Данева “по сопствена желба” како што стои во дописот обезбеден од Правниот факултет на барање на ДКСК, продолжи да спроведува настава, за соодветен надоместок. Оттаму се исполнија условите од Законот за спречување судир на интереси врз кој ДКСК изрече мерка јавна опомена на Ана Павловска-Данева поради непостапување по барањето на ДКСК и неизлегувањето од состојба на судир на интереси, се вели во соопштението од Антикорупциска.