Антикорупциската комисија да биде формирана според меѓународните стандарди за независност и неселективност
Во Државната комисија за спречување на корупцијата се потребни членови со интегритет, без партиско влијание и избрани врз база на компетентност, велат од Платформата на граѓански организации за борба против корупција.
Потребна е ДКСК која ќе ги задоволи меѓународните стандарди за независност
„Нашата цел е формирање на ДКСК која ќе ги задоволи меѓународните стандарди за независност, ефикасност и неселективност во работењето. Во изминатите три години Платформата во континуитет укажуваше на неефикасната борба против корупцијата, на назадување на земјата во однос на сите индекси за корумпираност, владеење на правото и ефикасност на институциите за справување со корупцијата и криминалот. Имајќи ги предвид новите политички случувања, им укажуваме на политичките партии дека за Платформата е неприфатливо членовите на ДКСК да бидат предмет на меѓупартиски преговори, со што би продолжила досегашната практика на лојалност кон партиите, наместо извршување на нивната контролна функција, како предуслов за владеење на правото“, истакнуваат од Платформата.
Довербата на јавноста во ДКСК бележи континуиран пад
Според резултатите од теренската анкета спроведена за извештајот „Следење на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, октомври – декември 2017 година“ :
63,7% од вкупниот број испитаници сметаат дека ДКСК ги штити интересите на поединци (приватен интерес на политичари, избрани и именувани лица), наспроти 12,7% кои веруваат дека ги штити интересите на граѓаните.
72% од вкупниот број испитаници сметаат дека во медиумите нема доволно информации за ДКСК.
за 77,6% од вкупниот број испитаници сметаат дека информациите коишто се достапни во медиумите не им овозможуваат да бидат информирани за работата на ДКСК.
Законски измени за зајакнување на независноста на Комисијата
Во новиот Предлог-закон за спречување на корупција и судир на интереси се вели дека основната цел на предложениот закон е зајакнување на ефикасноста и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата и зајакнување на правната и институционална антикорупциска рамка. Целта на носењето на овој закон е и постигнување на поефикасна превенција и борба против корупцијата.
Техничката мисија на ГРЕКО врши сондирање на законската рамка
Министерката за правда, Рената Дескоска, вели дека во изминатиот период во Министерството за правда пристигнале одредени коментари кои ќе го подобрат законскиот текст, кој ќе биде дополнет и со препораките од различни меѓународни извештаи.
„Во моментов во Македонија е техничката мисија на ГРЕКО, која врши сондирање на законската рамка и на одредени подзаконски акти коишто се однесуваат на оваа област“, посочува министерката.
Експертските извештаи во врска со постојните законски одредби кои се однесуваат на моделот, критериумите и постапката за избор и разрешување на членовите во составот на Комисијата, надлежностите, ефикасноста во работењето, транспарентноста, отчетноста и линиите на одговорност на ДКСК, како и механизмите за проверка и испитување на имотната состојба и интересите, укажуваат на потребата за донесување нов закон, а со цел зајакнување на независноста и ефикасноста во работењето на ДКСК и надминување на недостатоците во постојниот Закон за спречување на корупцијата и во Законот за спречување судир на интереси.
Во извештајот на ЕУ се нотира недостигот од функционална независност
Како што забележува Европската комисија во Извештајот за напредокот на Република Македонија, 2015 година, ДКСК, иако формално е независна, редовно е критикувана за недостигот од политичка волја (кај членовите во нејзиниот состав) за борба против корупцијата на проактивен, независен и неселективен начин. Понатаму, во Извештајот за напредокот на Република Македонија, 2016 година забележано е дека на ДКСК ѝ недостига функционална независност („процесот на селекција и именување на нејзините членови не е транспарентен и изгледа како да фаворизира политичка лојалност, а не професионализам и интегритет“) и се укажува на потребата за ревизија на статусот и составот на ДКСК во правец на поголема транспарентност, базираност на заслуги и независност од политичките партии.
Постојните казни според Законот за спречување на корупцијата и Изборниот законик треба да се применуваат на систематски и видлив начин. За да се зајакне ефективноста, неопходно е јасно да се утврдат соодветните контролни и истражни овластувања и одговорности на Државниот завод за ревизија, на ДКСК, на Државната изборна комисија и на агенциите за спроведување на законот. За оние кои не поднеле изјави за судир на интереси или изјава за имот, постапките за верификација и системот на казни се сè уште разделени и неефикасни.
Што препорачува ГРЕКО?
Во рамките на Четвртиот круг на евалуација, ГРЕКО, меѓу другото, препорача да се преземат соодветни правни, институционални и оперативни мерки за да се осигури подлабока контрола на изјавите за интереси и на пријавувањето на имотната состојба поднесени од страна на членовите на Парламентот, судиите и обвинителите, особено за рационализирање на процесот на верификација под покровителство на Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Финансиските и кадровските ресурси на Државната комисија за спречување на корупцијата во областа на превенција на корупција, лобирање и анкетни листови да се зголемат како приоритетно прашање“, истакнуваат од ГРЕКО.
ОЦЕНКА НА ГРЕКО ЗА МАКЕДОНИЈА: Разочарувачки резултати за превенцијата на корупцијата
Втората верзија на измените на Законот за спречување на корупција на увид на јавноста
Клучните новини во предложените измени на Законот за спречување на корупцијата
Новата антикорупциска комисија ќе биде составена од експерти
M.В