/Прочитано:

494

Антикорупциската комисија одлучи за првите приговори за законитост на  изборните кампањи

Државната комисија за спречување на корупцијата денеска ги разгледуваше првите приговори за злоупотреба на државни средства во изборната кампања, поднесени од најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ. Комисијата отфрли 8 од 9 приговори за кршење на Изборниот законик.

Дел од приговорите се однесуваа на јавните огласи распишани од Град Скопје за субвенционирање велосипеди и клима-уреди. Во врска со огласот за субвенционирање велосипеди, Антикорупциската комисија ќе го извести јавното обвинителство дека од Град Скопје објавиле оглас за субвенции за велосипеди по распишување на изборите без да биде наведено дека исплатата на субвенциите ќе се врши по изборите. Ова, според Комисијата и според принципот на добро владеење, претставува пропуст.

Комисијата го прифати приговорот за злоупотреба на канцеларии во општинската зграда во Шуто Оризари, каде што се одржа прес-конференција за поддршка на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Дел од отфрлените приговори се однесуваа на  вработувања, реконструкции на улици, делење пакети со храна за семејства од социјален ризик, финансиска поддршка на здруженија и фондации, како и за јавните повици во врска со практикантство и финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Според Комисијата, институциите ваквите активности веќе ги имале предвидено во годишните програми за работа.

Антикорупциската комисија објави онлајн пријава за незаконитости во изборниот процес

М.В