/ Прочитано:

1.273

Антикорупциската комисија со известување до институциите во врска со претстојните избори

По повод Решението со број 09-1422/2 за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, донесено од претседателот на Собранието на Република Македонија на 16.2.2020 година,  Државната комисија за спречување на корупцијата објави известување до министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторните тела, трговските друштва основани од државата и други институции основани од државата.

Известувањето го пренесуваме изворно и во целост:

„Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите:

– не може да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година;

  – не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори;

 – не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

„Случаи на итни и неодложни работи“ се вработувањата на определено време заради: замена на отсутен работник поради подолго боледување или отсуство, смрт на вработен, изведување сезонски работи за кои однапред е утврден потребниот број на лица и се обезбедени средства со годишните програми, како и вработување на определено време на наставен кадар за непречено одвивање на образовниот процес.

Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања па до завршување на изборот на пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите:

– не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти.

Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира, особено: давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.

За потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.

Забрането е вршење и обид за вршење притисок и заплашување на гласачи или членови на нивните семејства или ним блиски лица.

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување.

Непочитувањето на забраните утврдени во членовите 34 и 35 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и во членот 8-а и 8-б од Изборниот законик, Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги смета за одговорност на одговорните лица на државните органи и други субјекти, а во случај на констатирани прекршувања и злоупотреби ќе преземе соодветни активности и мерки согласно закон.

Во претстојниот период на спроведување на активностите поврзани со предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, Државната комисија за спречување на корупцијата согласно одредбите од новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси нема законски основ  да дава мислења по доставени барања за мислења поврзани со начинот на постапување на министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторните тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата во текот на изборниот процес.

Државната комисија во функција на следењето и контролата на законитоста на финансирањето на изборната кампања и на севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните и за таа цел ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик.“