/ Прочитано:

3.221

Антикорупциската комисија со забелешки за именувањето в. д. директори

Антикорупциската комисија објавува соопштение во врска со последната одржана седница. Соопштението го пренесуваме во целост:

Именување В.Д. директори

Комисијата работеше по предмети кои се однесуваат на именување ВД директори во следните сектори:

Образование

Студентски стандард

Култура

Јавни претпријатија

Фонд за здравство

Заедничко за сите овие именувања е што функцијата ВД директор не се користи за надминување на непредвидена состојба до пополнување на  раководните места со распишување на јавен конкурс, како што е предвидено во материјалните закони, туку се користи редовно како да е тоа единствен начин за поставување директори.

Имено, од обработените предмети Комисијата констатира дека:

  • Именувањето ВД директори се врши во континуитет по неколку пати од 6 месеци, (имавме пример и за 7 пати во континуитет именуван ист директор,или градоначалник не знае дека именувањето ВД директори е ограничено)
  • Не се почитуваат материјалните закони за распишување конкурс за избор на директор
  • Се врши разрешување или т.н. отповикување на директори и пред истекување на мандатот
  • Се именуваат директори без положен испит за директори (онаму кај што треба)
  • Управните одбори не секогаш распишуваат конкурси и чекаат прво Владата да одлучи што да преземат.
  • Не се обезбедува избор на директори со фер конкуренција врз основа на приложена програма за работа
  • Нема отчетност за вршењето на функцијата и трошењето на државните ресурси.
  • Изборот и разрешувањето се врзува со одредена политичка гарнитура
  • Постои реваншизам особено кога локалната и централната власт се од различни политички опции што се манифестира со одземање ингеренции односно преку одмерување на политичката моќ.

Во отсуство на почитување на материјалните закони за избор на директори по пат на конкурс и обезбедување фер конкуренција се применува начин на работа кој со години се гради во нашето општество и остава простор за постоење на висок ризик од политичко влијание што доведува до разградување на системот на вредности, на професионализмот, преселување на квалитетен кадар во чие образование се вложувало во  оваа држава.

ДКСК препорачува што побрзо донесување на Законот за висока раководна служба кој речиси пред една година е поднесен во Собранието на РСМ.

По сопствена иницијатива беше отворен и анализиран предметот 1 денар м2 кој се однесува на објавениот тендер за изработка на ДУП ови во општина  Центар.

По донесена Одлука за набавка на услуги за изработување на детални урбанистички планови за потребите на општината, во декември 2017 година, спроведена е постапка за ЈН со користење на отворена постапка согласно член 64  од ЗЈН и предвидено е да заврши со склучување на рамковна спогодба со повеќе економски оператори со повторно прибирање на понуди.

Постапката е спроведена согласно Законот постапка, а врз основа на предлогот на Комисијата за јавни набавки донесена е Одлука за избор на страни во рамковна спогодба бр. 09-81/20 од 07.03.2018 година и склучена е Рамковна спогодба бр. 09-81/29 од 29.03.2018 година со 7 ЕО:

Градежен Институт Македонија А.Д. Скопје

Геинг Кребс Унд Кифер и др. ДОО Скопје

Иванов Инженериг ДООЕЛ Битола

Билд Урбан ДООЕЛ Скопје

Ин- Пума ДОО Скопје

Тајфа План ДОО Скопје

Тајфа Архитекти ДООЕЛ Куманово

Не е поднесена жалби од страна на незадоволни економски оператори.

По рамковната спогодба воспоставена е пракса на доделување на поединечни договори за јавна набавка по претходно спроведена Е аукција. Договорите се доделуваат во случаи кога Општина Центар има потреба од изработка на урбанистичка документација за определени парцели/блокови. Поединечните договори за јавна набавка се доделуваат на економскиот оператор кој поднел најниска цена на Е аукцијата.

Врз основа на Барање за спроведувања на постапка за јавна набавка  бр. 26-3627/1 од 13.08.2018 година доставено од Секторот за јавни набавки, до економските оператори со кои е склучена рамковна спогодба во август 2018 година доставена е Покана за поднесување на понуди за доделување на единечен договор за јавна набавка за изработка на детален урбанистички план Градска четврт Ц 08-Ново Маало 2 со површина од 8.9 хектари.

Во Поканата приложени се Инструкции за понудувачите и образец на финансиска понуда

На денот на отворање на понудите изготвен е Записник бр. 22-3627/3 од 16.08.2018 година при што се доставени 4 понуди кои се оценети од страна на комисијата како прифатливи.

По ова закажана е Е-аукција која започнала во 14:01 а завршила во 16:20 часот, т.е траела два часа и 20 минути. На крајот од Е-аукцијата најповолна понуда поднел економскиот оператор Билд Урбан ДООЕЛ Скопје, во износ од 1 (еден) денар за м2.

Поради висината на цената Комисијата за јавни набавки до економскиот оператор доставила Барање за појаснување на невообичаено ниска цена бр.22-3627/8 од 21.08.2018 година.

Од страна на Билд Урбан ДООЕЛ Скопје доставено е Појаснување заведено под бр. 22-3627/10 од 22.08.2018 година во кое се дадени аргументи за таквото постапување и понудената цена. Појаснувањето е разгледано од страна на Комисијата за јавни набавки и оценето е како прифатливо, по што е доделен договор за јавна набавка бр. 09-81/29 од 29.03.2018 година на економскиот оператор ДТУ Билд Урбан ДООЕЛ Скопје во вкупна вредност од 1 денар.

Со анализа на тендерската постапка не констатиравме слабости во спроведување на постапката спротивни на Законот за јавни набавки, но за одбележување е дека во поединечниот договор за јавна набавка на економскиот оператор Билд Урбан ДООЕЛ Скопје предвидени се одредби со кои потребно е економскиот оператор да достави банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот во износ од 10% од вкупната вредност на услугите предмет на истиот.( Согласно Законот за јавни набавки може да се предвиди во износ од 5% до 15%)  Исто така предвидена е договорна казна во износ од 1 промил од вкупната договорена цена на услугите предмет на единечниот договор за секој ден задоцнување, ако услугите не се завршат во предвидениот рок, која не може да надмине 5% од вкупната вредност на договорот.

Имајќи ја предвид  вредноста на договорот (1 денар), произлегува дека во овој случај Општината не располага со адекватни и ефикасни правни механизми за наплата на штета и постои ризик од ненавремено и неквалитетно извршување на договорот без сериозни правни и финансиски последици за економскиот оператор, дотолку повеќе што се доведува во прашање квалитетот на уредувањето и хуманизацијата на просторот како и заштитата и унапредувањето на животната средина.

Оваа состојба, Комисијата за ЈН требало да ја согледа и земе предвид при оценувањето на прифатливоста на образложението за невообичаено ниска цена доставено од страна на економскиот оператор Билд Урбан ДООЕЛ Скопје.

Станува збор за изработка на план кој претходно е изработен од истиот планер а со Одлука на Советот на општината не се применува поради неусогласеност со ГУП от. Неусогласеноста се однесува на нумеричките податоци (бруто развиена површина, максимално дозволена нето густина на населеност ж/ха односно максимален дозволен број жители – корисници на просторот).

Овој план го опфаќа и паркингот спроти Холидеј ин за чија продажба реализирана во време на мораториум кога ДУП от се ревидира и може да претрпи измени, ДКСК веќе се произнесе иукажа дека постои реален ризик од влијанија на сопствениците на тоа земјиште врз натамошната постапка на ревидирање и донесување на ДУП от од страна Советот на општината.

Фактот дека планот се изработува по исклучително ниска цена, го зголемува и ризикот од коруптивно однесување односно склучување на коруптивни зделки помеѓу планерот и сопствениците на земјиштето кои се идни инвеститори.

Од увидот во документацијата утврдивме дека забелешките кои Комисијата за урбанизам формирана од градоначалникот, во повеќе наврати ги упатувала до планерот не се прифатени во целост, а општината како нарачател на услугата не го искористила правото да не ја прифати извршената услуга, кое е предвидено во Договорот со економскиот оператор.

Градоначалникот на општината не постапил согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање со кој е предвидено обезбедување инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање преку задолжително формирање партиципативно тело кое ги преставува ставовите мислењата и интересите на граѓаните, граѓанските организации, но и на стручната фела како најодговорна за оценка на плановите од аспект на почитување на стандардите за изработка на квалитетни планови насочени кон јавниот интерес.  За формирање на ова тело не е објави јавен оглас на веб страната на општината ниту во писмена форма е изложен оглас на јавно место во траење од 30 дена како што пропишува законот.

Оттука препорачуваме органите на локалната самоуправа (Градоначалникот и Советот на општината)особено да водат сметка за квалитетот на плановите што ќе ги донесат при тоа имајќи ги предвид одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање во кои е наведено дека:

  • ДУП от како план од понизок ранг мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план, кој е донесен во 2012 година и важи до 2022 година.
  • задолжителноформирање партиципативно тело и обезбедување инклузивност, партиципативност и јавност на процесот.

Органите на општината и сите институции кои учествуваат во одобрувањето на плановите особено да водат сметка за стандардите и нормативите со кои се обезбедува зголемување на степенот на хуманоста на живеењето, хармонизација и хуманизација на просторот со плански одредби кои ќе ја штитат и стимулираат приватната сопственост, но на начин кој нема да го повреди јавниот интерес.

Законите на природата не признаваат корупцијаниту трпат амандмани, а кога „некои„ се упорни во намерата да ја извитоперат животната срединаприродата казнува со природни катастрофи од кои страдаат ама баш сите.

Раководните лица во институциите и органите кои вршат избори и именувања или од нив овластени лица, се должни податоците за лицата од членот 82 став (1) од овој закон со пополнување на образец да ги достават до Државната комисија без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на верификацијата на мандатот, изборот и именувањето, односно назначувањето, како и по престанокот на функцијата, односно должноста на избраното, именуваното или назначеното лице.“