/ Прочитано:

947

Антикорупциската комисија во врска со активностите во пресрет на предвремените парламентарни избори

Во пресрет на претстојните предвремени парламентарни избори, ДКСК  денеска ја запозна јавноста за тековното работење, како и за активностите планирани за претстојниот период.

Во однос на тековното работење, ДКСК ќе продолжи да работи со ист интензитет во исполнувањето на своите законски надлежности, што значи дека и понатаму неселективно ќе постапува и ќе одлучува по добиени пријави и предмети.  Предметите ќе бидат редовно третирани без никаков исклучок, а резултатите по предметите ќе бидат соопштувани, како и досега, на јавни седници.

Имајќи ги предвид надлежностите на ДКСК предвидени со Законот за спречување на корупција и судир на интереси кои се однесуваат на следење на законитоста на финансирањето на изборните кампањи, како и контрола на злоупотребата на буџетските средства во периодот по распишувањето на изборите, Комисијата во зависност од поднесените приговори од организатори на изборна кампања, исто така, ќе постапува во согласност со процедурите и со роковите утврдени во наведениот закон.

„Во оваа насока, сакаме повторно да обрнеме внимание на постапувањето на вработените и субјектите од јавниот сектор во однос на почитување на забраните утврдени во членовите 8-а,и 8-б од Изборниот законик, и членовите 34 и 35 од ЗСКСИ, а се однесуваат на:

Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на предвремените парламентарни избори до денот на завршување на изборот на пратеници на Собранието и изборот на Владата на РСМ и:

– со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал, не може да се започнува изградба на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година;

– со средства од буџетот или средства на јавни фондови не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци кои не спаѓаат во категоријата  редовни месечни исплати како и сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери, ниту пак може да се отуѓува државен капитал како и да се потпишуваат колективни договори;

– исто така не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување. Исклучок се случаите на итни и неодложни работи.

Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања па до завршување на изборот на пратеници на Собранието на РСМ и изборот на Владата на РСМ не може:

– не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти кои се финансирани со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал.

Исто како и минатите изборни циклуси, така и за овие избори ДКСК ќе следи дали се почитува забраната за користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи.

Со цел поефикасно следење на постапувањето на организаторите на изборната кампања, ДКСК заедно со Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата заради дефинирање на информации и податоци ќе преземе низа мерки и активности за зајакнување на механизмите за мониторинг над процесот.

–  Во однос на следењето на трошоците за време на изборната кампања, ќе воспоставиме мониторинг на извршениот превоз, рекламен материјал, рекламирање со плакати и рекламни паноа и билборди од страна на организаторите;

–  И во текот на овие избори, на веб страната на ДКСК ќе биде достапна веб апликацијата со ажурирани податоци за состојбата со службените моторни возила, односно со ажурирани податоци со информации за ново набавени или отпишани возила, како и образецот за пријавување на секаков вид недозволено и незаконско постапување од страна на институциите и вработените во јавниот сектор, а кој ќе може да го користат сите граѓани на РСМ;

– Преку АВРМ, Државниот инспекторат за труд и Државниот просветен инспекторат ќе ги следиме сите форми на вработувања во изборниот процес;

Во врска со настаните околу иницијативата за формирање на Синдикати на универзитетите УКИМ и УКЛО, до ДКСК доставена е пријава од Независниот академски синдикат, во која се укажува на постоење судир на интереси согласно ЗСКСИ  како и прекршување на одредби од ЗРО според кои работодавачите и нивните здруженија не смеат да имаат надзор на основање и дејствување на синдикатите.

Во меѓувреме постапувал надлежен орган ДИ за Труд кој утврдил прекршување на одредбата 195 од ЗРО, по што ДИТ ќе спроведе постапка согласно своите зак одредби по утврдениот прекршок.

ДКСК имајќи ги предвид наодите укажува дека со ваквото постапување на ректорите директно се прекршени начелата за законитост и интегритет, кои тие први треба да ги применуваат“, соопштуваат од Комисијата.

М.В