/ Прочитано:

1.340

АОПЗ очекува решенија и заложби за остварување на правото на образование на малите етнички заедници во РМ

На форумот на тема „Подобрување на квалитетот на образованието на јазиците на припадниците на заедниците“ што денеска во Скопје го организираше Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) беше посочено дека припадниците на помалите заедници во Македонија се соочуваат со сериозни проблеми при остварување на правото на образование, пред сè поради недостаток од учебници, немање стручен кадар, како и несоодветна инфраструктура во училиштата.

Припадниците на помалите заедници во Македонија се соочуваат со сериозни проблеми при остварување на правото на образование, а учесниците на форумот на тема „Подобрување на квалитетот на образованието на јазиците на припадниците на заедниците“ што денеска во Скопје го организираше Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) посочија дека станува збор за недостаток од учебници, немање стручен кадар, како и несоодветна инфраструктура во училиштата.

В.д. заменик директорот на АОПЗ, Џелал Хоџиќ, на настанот го истакна фактот дека во изминатите години реално не постоела политичка волја да се решат проблемите во однос на образованието на мајчин јазик на етничките заедници кои се под 20 отсто, а тоа се турската, српската, босанската, ромската и влашката заедница. Иако, како што рече, турската и српската заедница имаат редовна настава на својот мајчин јазик, тие се соочуваат со сериозни предизвици и проблеми.

„Очекуваме од следната година и бошњачката заедница да има редовна настава на босански јазик. Она што е индикативен проблем е дека дел од родителите своите деца не ги запишуваат на својот мајчин јазик поради послабиот квалитет на образование. Се надеваме дека за постојните проблеми ќе се бараат системски пристап и системски решенија кои ќе доведат до сериозно подобрување на квалитетот на малите етнички заедници“, посочува Хоџиќ.

Денешниот форум беше организиран во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Македонија, па од своја страна, в.д. директорот на АОПЗ, Илхан Рахман, потенцираше дека на овој начин ја зацврстуваат соработката со претставниците на ОБСЕ, особено поради фактот што државните институции и невладиниот сектор на заедниците кои се застапени под 20 отсто во РМ на иста маса ги дебатираат своите проблеми и извлекуваат заклучоци и препораки.

„Препораките ќе бидат доставени до Владата и се надеваме дека ќе бидат дел од политиките што ги креира Владата“,  рече Рахман.

Инаку, Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) е формирана во 2008 година и е надлежна за мониторинг на остварување на правата на заедниците во РМ кои се под 20 отсто во областите на правична застапеност, образование и култура.

А. Б.