Апелација ја отфрлила жалбата на СЈО за изземање на судијката Поп-Стефанија
Пред две недели, за време на распитот на Јанкулоска, СЈО побара изземање на Поп-Стефанија која постапуваше по предлогот на Обвинителството за определување мерки за обезбедување присуство. Претходно, Поп-Стефанија во своите решенија ја оспори надлежноста на СЈО да постапува во „Тврдина“ и ги одби предложените мерки за претпазливост.
Апелациониот суд ја одбил жалбата на Специјалното јавно обвинителство за изземање на судијката Александра Поп-Стефанија која е судија на претходна постапка за случајот „Тврдина“.
СЈО побара изземање на судијката која постапува и во распитот на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, осомничена во случајот. Решението со кое не беше прифатено барањето на СЈО за изземање на судијката само во делот на постапувањето за Јанкулоска, беше потпишано од заменик-претседателот на Кривичниот суд, Ивица Стефановски. На ова решение СЈО поднело жалба до Апелациониот суд.
„Постапувајќи по жалбата на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ) против решението на претседателот на Кривичниот суд, Апелациониот суд Скопје денеска достави решение со кое жалбата на СЈО се одбива како неоснована, а решението на првостепениот суд, за неприфаќање на барањето за изземање на судијата на претходна постапка, се потврдува“, велат од Кривичниот суд.
Пред две недели, за време на распитот на Јанкулоска, СЈО побара изземање на Поп-Стефанија која постапуваше по предлогот на Обвинителството за определување мерки за обезбедување присуство. Претходно, Поп-Стефанија во своите решенија ја оспори надлежноста на СЈО да постапува во „Тврдина“ и ги одби предложените мерки за претпазливост.
Во предметот „Тврдина“, покрај Јанкулоска, осомничен е и началникот на Петтата управа, Горан Грујевски, на кого Поп-Стефанија му го одзеде пасошот, иако СЈО бараше притвор. Распитот за поранешната министерка и за уште тројца осомничени треба да продолжи.
Од СЈО велат дека ќе ја почитуваат одлуката на Апелациониот суд. Што се однесува до постапката против осомничените, истата ќе продолжи онака како што е предвидено со закон.
М. С.
КРИВИЧЕН СУД: Одбиено барањето на СЈО за изземање на судијката од предметот „Тврдина“