/ Прочитано:

1.498

Апелација ја укина ослободителната пресуда за Тупурковски и Андонов, „Тајванските кредити“ се враќаат на повторно судење

Петок, 14 ноември 2012 / 13:00 – Предметот за случајот „Тајвански кредити“ каде првообвинет е Васил Тупурковски поранешниот лидер на „ДА“ и ексдиректор на Агенцијата за обнова и развој, а второобвинет Јован Андонов, тогашен заменик на Тупурковски, се враќа на повторно судење. Апелациониот суд во Скопје ја прифати жалбата на обвинителството како основана со образложение дека ослободителната пресуда за Тупурковски и Јован Андонов е нејасна, неразбирлива и противречна сама на себе. Обвинителството ги товари Тупурковски и Андонов за злоупотреба на службена положба и овластување, односно дека со одобрување на средства (договори кои биле склучени со 8 фирми) од тајванските кредити ја оштетиле државата за 172. 304.092  денари. Решението на Апелација доаѓа 11 месеци по донесувањето на првостепената пресуда.

Апелациониот суд Скопје во совет составен од судиите Катерина Оровчанец, претседател на советот, Гордана Сајковска и Африм Фидани, членови на советот ја уважија жалбата на Основното јавно обвинителство со која се бараше укинување на ослободителната пресуда за Васил Тупурковски и Јован Андонов, донесена на 1 февруари 2012 година.

– „Судот го разгледа жалбениот навод за сторена суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од чл.381 ст.1 т. 11 од ЗКП, па оцени дека истиот е основан со оглед да обжалената пресуда содржи такви недостатоци поради кои не може во целост да се испита во однос на нејзината правилност и законитост, па како таква е неподна за испитување и извршување.

Основан е жалбениот навод дека, имајќи ја во предвид изреката на обжалената пресудата, каде што првостепениот суд навел дека обвинетите ги ослободува од обвинението согласно чл.368 т.З од ЗКП, и образложените причини за решителните факти, постои противречност, по кој основ првостепениот суд ги ослободил обвинетите од обвинението. Имено, дали во конкретниот случај при образложувањето на својата одлука, преку причините кои ги навел, судот смета дека во дејствијата на обвинетите не се содржани битните елементи на кривичните дела кои им се ставаат на товар или дека согласно изреката не е докажано дека обвинетите ги сториле кривичните дела кои им се ставаат на товар, правејќи ја на ваков начин пресудата нејасна, неразбирлива и противречна на самата себе“, стои во пресудата на Апелациониот суд Скопје.

На јавната седницата што се одржа на 15 ноември 2012 каде беше образложена жалбата на обвинителството, одбраната во целост остана на првостепената ослободителна пресуда и побара од судот да се потврди истата. 

Бранителот на Тупурковски, адвокат Светлана Савиќ на јавната седница истакна дека останува во целост кон поднесениот одговор на жалбата и наводите во истиот и предложи жалбата на Основното јавно обвинителство да се одбие како неоснована и да се потврди првостепената ослободителна пресуда. Според Савиќ она што можело да се забележи во текот на постапката е дека судот го зголемил стручниот тим, сослушал сведоци експерти за банкарско работење и врз основа на изведените докази правилно утврдил дека обвинетиот не го сторил кривичното дело кое му се става на товар. Таа појасни дека Агенцијата била владино тело и не е основан наводот дека владата не знаела за земените кредити. По однос на пропустите на банката, Савиќ посочи дека судот сослушал голем број на вешти лица и од нивните искази правилно утврдил дека обвинетите не ги сториле кривичните дела.

– „Банката работи во свое име и врз основа на склучените договори помеѓу Агенцијата и Банката е должна да ги следи и да ги почитува одредбите од истите договори“, посочи на јавната седница адвокат Светлана Савиќ.

Тупурковски на јавната седница истакна дека се согласува со одбраната дадена од страна на неговиот бранител додавајќи дека обвинението е нејасно и дека во истото не е точно утврдено за што точно се обвинува. Како што посочи, во текот на целата постапка е утврдено дека тој не давал кредити и дека со своите дејствија не извршил никакво кривично дело.

Првостепената пресуда по втор пат укината

Предметот инаку веќе еднаш беше вратен на повторно одлучување откако Апелациониот суд ја укина  простепената пресудата на Основен суд Скопје 1  со која  Тупурковски беше осуден на казна затвор во траење од 3 години и надомест на штетата на Република Македонија во износ од 89.008.917,00 денариЈован Андонов беше осуден на казна затвор од 2 години. Солидарно беа осудени да и го надоместат износот од 61.992.398,00 денари на Република Македонија и да ги платат трошоците за кривичната постапка. Пресудата донесена од страна на судијата Јани Нича беше укината поради утврдување на повреди во постапката. Жалбата на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција беше отфрлена како беспредметна.

Со читање на измените во Обвинителниот акт со кој Тупурковски и Андонов овој пат беа гонети само за злоупотреба на службената должност, а не и за злосторничко здружување, на 2.6.2011 година во основниот суд Скопје 1 судењето стартуваше повторно.  Судењето кое овој пат и беше доделено на судијката Гордана Спиревска по нешто повеќе од половина година финишираше со ослободителна пресуда за Тупурковски и Андонов. Ваквата одлука е донесена врз основа на образложение дека немало докази за да се докаже обвинението од ЈО.

>„Тајвански кредити“: Завршен збор на Васил Тупурковски Автор: Елена Павловска