/ Прочитано:

1.131

Апелација сè уште го нема добиено предметот за Талески

Од СВР Битола уште вчера потврдија дека го добиле решението за притвор за Талески и дека постапуваат по него, односно дека веќе почнал да тече рокот од 30 дена куќен притвор кој му беше определен на градоначалникот на Битола на 16.6.2016 година од страна на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 Скопје.

Судница 1 Основен суд Скопје 1

Иако уште вчера беше најавено дека предметот за градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, ќе биде пратен во Апелациониот суд, денеска од Кривичниот суд велат дека предметот сè уште не е комплетиран.

„Се чекаат доставници од битолската полиција за да се доуреди предметот. Потребно е Судот да добие доказ дека обвинетиот го добил решението на Судот и дека и СВР Битола го добил решението“, велат од Судот.

Од СВР Битола уште вчера потврдија дека го добиле решението за притвор за Талески и дека постапуваат по него, односно дека веќе почнал да тече рокот од 30 дена куќен притвор кој му беше определен на градоначалникот на Битола на 16.6.2016 година од страна на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 Скопје.

Повисокиот суд треба да одлучува по жалбата на одбраната на Талески на решението на Судот за определувањето на мерката куќен притвор.

Во решението на судот беше наведено:

„Решението на судијата на претходна постапка од 13.6.2016 година по повод предлогот на СЈО за определување на мерка притвор за лицето В. Т. се преиначува и се определува мерка куќен притвор во траење од 30 дена сметано од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на причините предвидени во чл. 165 ст. 1 т. 1 , 2 и 3 од ЗКП. Истовремено, се забранува осомничениот В. Т. да го напушти своето живеалиште без дозвола од Судот, а доколку осомничениот не се придржува на забраната, против него ќе се определи мерка притвор“.

Надзорот над куќниот притвор се наложува да го извршува СВР Битола, при што овластени службени лица од подрачната полициска станица во одредени временски интервали, ненајавено во текот на 24 часа ќе го проверуваат присуството на осомничениот во неговиот дом, рекоа од Судот.

„За секое непочитување на решението од страна на осомничениот, надлежната полициска станица се задолжува веднаш да го извести Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Против ова решение е дозволена жалба во рок од 24 часа преку овој суд до Апелациониот суд Скопје“, се наведува во соопштението на Судот.

Талески и уште 22 лица опфатени во предметот „Транспортер се осомничени дека го злоупотребиле Буџетот на Република Македонија за 360 илјади евра поради незаконско организирање на училишниот транспорт.