Апелациониот суд ја објави пресудата за возачот кој ја прегази студентката Фросина Цековска

Апелациониот суд Скопје ја објави пресудата со која ја намалува казната и го осудува на три години затвор возачот кој ја прегази студентката Фросина Цековска.

„При определување на видот и одмерувањето на висината на кривичната санкција судот ги имаше предвид сите околности предвидени во чл. 39 од КЗ, па како отежнувачки околности ги ценеше степенот на кривичната одговорност на обвинетиот, јачината на загрозување и повредата на заштитното добро, околностите под кои е сторено делото, последиците од извршувањето на делото настапената смртна последица, зачестеноста на извршување на ваков вид на кривични дела, општествената опасност и фактот што законскиот застапник на сега покојната Ф. Ц., Љупчо Цековски, предјавил оштетено побарување и се приклучил кон кривичниот прогон. Како олеснувачки околности судот ги ценеше лични, семејни и материјални прилики на обвинетиот односно неговата возраст, кој е роден 1989 година, неоженет, вработен со месечни примања од 12.000,00 денари, фактот дека е неосудуван и против него не се водат постапки за други кривични дела, досега не е прекршочно казнуван, неговото коректното однесување во текот на постапката, а особено даденото признание, изразено жалење и каење а воедно го имаше предвид и придонесот на оштетената, која поминала на пешачки премин на запалено црвено светло. Имајќи ги предвид наведените околности анализирани во нивната севкупност и од аспект на нивниот интензитет и значење, судот со примена на чл. 40 и 41 од КЗ, го осуди обвинетиот на казна затвор во траење од 3 – три години а воедно му изрече и казна Забрана на управување со моторно возило од „Б“ категорија во траење од 1 – една година, кои кривични санкции се адекватни на тежината на стореното кривично дело и личноста на обвинетиот ценејќи дека со истите ќе се постигнат целите на казнувањето во смисла на член 32 од КЗ“, се наведува во пресудата, која во целост може да се преземе на следниот линк.

М.В