/ Прочитано:

3.222

Апелациониот суд ја потврди пресудата на Основниот суд во Крива Паланка во корист на текстилните работнички и работници

Апелациониот суд во Скопје ја одби жалбата на тужениот работодавец од Крива Паланка и ја потврди пресудата на првостепениот суд во Крива Паланка со која се усвои тужбеното барање на работничките и работниците и се задолжува тужениот работодавец да им исплати на работничките и работниците вкупен износ од 1.430.856,00 денари за неисплатени плати и придонеси.

Случајот беше инициран во март 2017 година од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права по претходно добиени сознанија од вработените кај тужениот работодавец.

„За овој случај најпрво беше поднесено барање до Државниот инспекторат за труд, кој утврди дека работодавецот им исплатил на вработените плата и законски придонеси за задолжително социјално осигурување за декември 2016 година, но не и за јануари 2017. Инспекторатот издаде наредба за отстранување на недостатокот од страна на работодавецот во рок од 8 дена, кој не беше испочитуван од страна на работодавецот. Хелсиншкиот комитет побара продолжување на постапката и побара од Државниот инспекторат за труд да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка против работодавецот. По извршен дополнителен инспекциски надзор и констатирана фактичка состојба, Државниот инспекторат за труд издаде прекршочен налог со изречена глоба, а работодавецот изврши уплата на изречената глоба“, информираат од Хелсиншкиот комитет.

Бидејќи работодавецот до крајот на март 2017 година не извршил исплата на плати и придонеси за февруари 2017 година, 105 вработени, со поддршка на Хелсиншкиот комитет, одлучија да поведат судска постапка против работодавецот за неисплатени плати и придонеси на плати за јануари и февруари 2017 година.

„Со оглед на фактот дека работодавецот во мај 2017 година изврши задоцнета исплата на јануарската плата, вработените иницираа судска постапка за неисплатени плати и придонеси на плати за февруари 2017 година. Постапувајќи по тужбеното барање, Основниот суд во Крива Паланка донесе пресуда со која го усвои тужбеното барање на работничките и работниците, која беше потврдена и од Апелациониот суд во Скопје како второстепен суд, со што стана конечна“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

Пресуда на Основниот суд во Крива Паланка во корист на текстилни работнички и работници

M.В