/ Прочитано:

1.469

Апелациониот суд по третпат ја укинува пресудата за Тренковски, на поранешниот директор на ФЗОМ треба да му суди нов совет

„Првостепениот суд ќе треба повторно да изврши анализа и оцена на сите изведени докази во текот на постапката, а по потреба да изведе и други докази заради правилно утврдување на фактичката состојба, да даде наредба да се изготви нов вешт наод и мислење од страна на тим на вешти лица, при што треба да се утврди дали е нанесена штета, во кој износ, колку и на кој начин и од што произлегува разликата во износите“

gjorgi-trenkovski.jpg

Апелациониот суд Скопје по третпат ја укинува ослободителната пресудата на Основниот суд Скопје 1 за поранешниот прв човек на ФЗОМ, Ѓорѓи Тренковски, и за директорката на „Градски аптеки“, Весна Огненоска, и дава поука предметот да се врати на повторено судење пред првостепениот суд, со целосно изменет совет.

Од Кривичниот суд наведуваат дека во упатствата на Апелациониот суд стои дека првостепениот суд треба  да ги отстрани констатираните суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од чл. 381 став 1 точка 11 од ЗКП, правилно да ги утврди сите решителни факти што се од битно влијание за законито одлучување, во смисла на членот 14 и членот 365 од ЗКП, како предуслов за правилно утврдување на фактичката состојба, а потоа и правилно да го примени Кривичниот законик во врска со кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите и нивната кривична одговорност.

„Во таа насока првостепениот суд ќе треба повторно да изврши анализа и оцена на сите изведени докази во текот на постапката, а по потреба да изведе и други докази заради правилно утврдување на фактичката состојба, да даде наредба да се изготви нов вешт наод и мислење од страна на тим на вешти лица, при што треба да се утврди дали е нанесена штета, во кој износ, колку и на кој начин и од што произлегува разликата во износите“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.

Тренковски се товари за несовесно работење во службата од чл. 353-в став 4 в.в став 3 в.в став 1 од КЗ, а Огненоска се товари за злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 став 4 в.в став 3 в.в став 1 од КЗ. Тренковски и Огненоска беа обвинети за финансиска злоупотреба вредна 450 илјади евра.

Од Судот наведуваат дека предметот ќе биде распределен кај судија кој треба да закаже термин за одржување на главен претрес.