/ Прочитано:

827

Апелациониот суд: Потврдени решенијата на Кривичниот суд за притворот на Јанакиески и Божиновски

„Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје, по одржаните јавни седници од 26.11.2018 година, на ден 27.11.2018 година донесе одлуки со кои жалбите на обвинетите М. Ј. од С. и К. Б. од С., изјавени преку нивните бранители ги одби како неосновани и ги потврди решенијата на Основниот суд Скопје I Скопје, со кои на обвинетите им е определена мерка притвор“, се вели во соопштението на Апелациониот суд Скопје.

Јанакиески и Божиновски се обвинети во неколку предмети на СЈО за кои се водат судски постапки.  Обвинетите вчера на јавна седница пред судиите во Апелација побараа укинување на притворот.

На јавната седница Божиновски  истакна дека нема намера да бега, а како доказ за тоа го посочи тоа што 17 месеци ги почитува мерките на претпазливост определени од судот. Јанакиески рече дека со определувањето на мерката притвор институциите ги прекршиле законите, конвенциите и човековите права, како и дека СЈО требало да направи проверка со Кабинетот на претседателот Иванов и да бидат проверени снимките од безбедносните камери за посетите кај претседателот.

Според обвинителката на СЈО Лиле Стефанова, Јанакиески и Божиновски се подготвувале да избегаат како Груевски, кој доби политички азил во Унгарија и по чие бегство им беше одреден притвор на Јанакиески и на Божиновски.

М.В