Апелациониот суд во Тирана ослободи дел од првостепено осудените за експлозијата во воениот склад во Албанија во 2008 година
Петок, 15 февруари 2013 – Апелациониот суд во Тирана ослободи осум поранешни високо позиционирани припадници на Министерството за одбрана и на 11 други им ги намали казните, осудени со првостепена пресуда заради експлозијата во фабриката за муниција крај Тирана, во март 2008 година, во која загинаа 26 лица, а 302-ца беа повредени, пренесе БТА.
Еден генерал и други седум воени офицери, кои првочно добија казни меѓу една и четири години затвор, беа ослободени, соопшти судот.
Казната од шест години затвор за поранешниот началник на Генералштабот, Луан Хоџа, беше намалена на пет години.
Меѓу другите лица со намалени казни се управникот на фабриката за муниција – Михал Делиорг, чија казна беше намалена од десет на 6,5 години, како и лицето кое директно одговарало за уништувањето на воените материјали – Дритан Миндзоли, чија 18-годишна казна беше намалена на 12 години.
Казната на поранешниот функционер на Министерството за одбрана, Илир Пинариет, осуден во март минатата година на 18 години затвор, беше намалена на 15 години.
Семејствата на жртвите на експлозијата изразија незадоволство од одлуката на Апелациониот суд. Во изјавата за медиумите семејствата на жртвите обвинија дека „албанскиот суд, нагризан од корупција, донел неправедна одлука и повторно ги убил жртвите на оваа трагедија“.
Во експлозијата што се случи во Грдец, село во близина Тирана во март 2008 загинаа 26 лица, ранети беа 302-ца, уништени беа 5.500 куќи, а привремено беше затворен и аеродромот во албанскиот главен град, откако неексплодирани експлозивни средства слетаа во близина на истиот.
Истрагата покажа дека експлозијата настапила како резултат на неизгасена цигара во фабриката каде имало околу 1.400 тони експлозив, најчесто застарени артилериски гранати кои биле складирани за уништување.
Делови на Грдец и натаму се контаминирани, а веројатно имајќи ја предвид големината на инцидентот, на таа локација и натаму ќе има експлозиви, бидејќи длабоко вкопаните делови од муниција постепено се подигнуваат кон површината.