/ Прочитано:

2.232

Арбитражата се докажа како ефикасна алатка за решавање на споровите

Состојбата со демократијата и владеењето на правото во нашава држава несомнено претставува најголем предизвик, а повеќе од очигледно е дека патот кон соочување со предизвикот е мошне трнлив, но и ранлив и за бизнис-секторот, и за граѓаните и за општеството во целина. Сите сме согласни дека најитно треба да се посветиме на вложување заеднички напори за доследно спроведување на владеењето на правото како темелен принцип на секоја современа демократска држава, вели д-р Елена Милевска Штрбевска, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија за правни прашања

За перспективата за полноправно членстсво во ЕУ да стане реалност, и понатаму е суштинска цврстата посветеност на исполнувањето на политичките критериуми и владеење на правото, што подразбира и спроведување реформи во поглавјата 23- правосудство и основни права и 24- слобода, правда и безебдност. Токму затоа, прашањата поврзани со владеењето на правото и правната држава се нешто што е нераскинливо поврзано со нашата европска перспектива. Во последниот извештај на Европската комисија за нашата држава во делот за правосудството и фундаменталните права, посебно за квалитетот на правдата, експлицитно се констатира дека се потребни напори за понатамошно подобрување на употребата на алтернативно решавање на спорови, вклучително и преку соодветните комори. Ова, недвосмислено ја потврдува потребата за афирмација на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија, како независна арбитражна институција, која години наназад овозможува алтернатива на судството, како метод за решавање на споровите меѓу деловните субјекти, но за жал, малку се користи – беше истакнато на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Северна Македонија.

„Во рамки на своите заложби за развој на арбитражата и доближување на европските искуства кон македонската арбитражна практика, Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија со поддршка на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) следната недела ќе организира меѓународна конференција на тема „Бизнисот и арбитражата во ерата на глобализација: предизвици и перспективи“.
Поради состојбите поврзани со пандемијата на ковид – 19, конференцијата ќе се одржи онлајн, а учеството е без надоместок.

Оваа конференција, Арбитражата традиционално ја организира по петти пат, додека со поддршка на партнерот ЦЕИ по трет пат. Активностите на Арбитражата веќе се препознаени во меѓународни рамки, а доказ за тоа е што во текот на изминатите години, на конференциите кои ги имаме организирано, учество како говорници имаат земено над 70 стручни лица и реномирани експерти на домашната и меѓународната арбитражна сцена, и над 400 слушатели –  лица од бизнис заедницата, правосудната и професорската фела и пошироката јавност.

Говорници на конференцијата оваа година ќе бидат истакнати теоретичари и практичари од земјата и од странство, вклучувајќи адвокати од водечките светски адвокатски друштва, арбитри со долгогодишно искуство и универзитетски професори од 14 држави од регионот и Европа, но и пошироко (Франција, Англија, Романија, Украина, Србија, Полска, Швајцарија, Русија и други). Програмата на Конференцијата ќе биде посветена на актуелни теми од областа на арбитражата, со посебен осврт на влијанието на глобализацијата и пандемијата на КОВИД – 19 врз арбитражното решавање на споровите, практичните прашања поврзани со ефикасноста на арбитражните постапки, примената на арбитражата во клучните сектори, признавањето и извршувањето на странските арбитражни одлуки во земји од Централна и Источна Европа, како и легитиметот на меѓународната арбитража“, посочува д-р Елена Милевска Штрбевска.

Арбитражата досега се докажа како ефикасна алатка и механизам за решавање на споровите кој и’ е потребен на бизнис заедницата. Затоа деловните субјекти се најчестите „корисници“ на арбитражата, а настаните од ваков карактер се неопходни за компаниите да се запознаат со модерните трендови од областа на арбитражното право, како и можностите за унапредување на арбитражното решавање на споровите.
Целта ни е уште еднаш да ги нагласиме многубројните предности на арбитражата:

  • Непристрасност и стручност во одлучувањето
  • Едностепеност и брзина на постапката
  • Доверливост
  •  Правосилност и извршност на арбитражната одлука

Арбитражната практика континуирано се развива и унапредува во последните години. Статистичките податоци од работењето на Арбитражата покажуваат дека во периодот 2015 – 2020 година, од вкупниот број на поведени арбитражни постапки, 60 % биле по спорови без меѓународен елемент, додека 40% биле по спорови со меѓународен елемент. Притоа, најголем број од поведените арбитражни постапки или 42,5 % се со вредност на предметот на спорот од 10 – 50.000 евра, додека најмал број или 12,5 % се со вредност на предметот на спорот од 50 – 100.000 евра.

Како странки во арбитражните постапки во анализираниот период се јавуваат трговски субјекти од РС Македонија, Турција, Бугарија, Косово, Романија, Русија, Хрватска, Саудиска Арабија, Србија, Кина и други.

Во последните три години постапките поведени пред Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија биле за побарувања кои произлегуваат од договори за продажба, договори за деловна соработка, договори за јавни набавки, договори за градење, договори за вршење услуги на обезбедување и други.

Најголемиот дел од тужбените барања во постапките се по основ долг (75%), надомест на штета (15%) и друго (10%).

Традиционалните начини на решавање на споровите преку суд не се секогаш најдоброто решение, туку напротив, светските трендови покажуваат се` поголемо користење на алтернативните методи за решавање на споровите меѓу деловните субјекти, како што е арбитражата.

„Зошто? Еве конкретни показатели:
Просечното времетраење на постапките кои се водат пред Постојаниот избран суд – Арбитража постојано се намалува – и во 2020 година изнесува 184 дена, односно приближно шест месеци. Тоа е доказ за брзината и ефикасноста на арбитражата. Ако се спореди со судските постапки, чиј просек на траење во 2020 година според извештаите на Судскиот совет на РСМ, пред основните судови се движи од 234 – 679 денови и на тоа се додаде и времето за постапките по жалба пред апелационите судови, кое се движи и од 440 до 709 денови, вкупното просечно времетраење на судските постапки во прв и втор степен заедно е најмалку над 600 дена. Ќе се согласиме дека тоа е далеку подолго од арбитражните постаки кои завршуваат во еден степен, како правосилни и извршни. Едноставно, нема споредба.

Значи, реално постои потенцијал за подобрување на состојбите, што ќе се постигне не само со подобрување на транспарентноста и ефикасноста на судовите, туку и преку јакнење на свеста за користење на арбитражата, поради поедноставната и флексибилна постапка, брзината на одлучувањето, помали вкупни трошоци, едностепеност, поголема автономија на волјата на странките (во делот на именување на арбитрите, јазикот и местото на арбитражата и слично), олеснет режим на признавање и извршување на донесените арбитражни одлуки во странство (Конвенцијата за признавањето и извршувањето на странските арбитражни одлуки потпишана на 10 јуни 1958 година во Њујорк ја имаат ратификувано повеќе од 160 држави во светот) и слично.


Коja e нашата желба и визија?

1. Сакаме да овозможиме промена на начинот на размислување и став кон прашањето за решавање на споровите на деловните субјекти;
2. Сакаме да придонесеме да се развие арбитражна култура меѓу деловните субјекти!

И на крајот, но не помалку значајно:

3. И ние како арбитражна институција, подготвени сме да направиме се што е потребно во насока на унапредување и развој на арбитражата во нашата земја. Ако прва од тие активности е организацијата на арбитражната конференција, следната активност, која веќе ја спроведовме во практиката минатиот месец, а зависеше од нас, е модернизацијата на правилата за работа на арбитражата, односно донесувањето на новите Арбитражни правила на Постојаната арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија (Скопски арбитражни правила). Доколку арбитражата се препознае како можност и перспектива од деловниот свет, искрено верувам дека таа може да стане дел од филозофијата на размислување за водење бизнис, а со тоа и дел од успешната приказна на деловните субјекти во управувањето со правните ризици и решавањето на можните деловни конфликти“, посочува д-р Елена Милевска Штрбевска.

Арбитражата недоволно искористена од малите и средните компании

Преку унапредување на арбитражното право до подобро деловно опкружување

Светските трендови покажуваат дека арбитражата сè уште има неприкосновено место кај бизнис-заедницата

Компаниите недоволно ја користат арбитражата

Координативно тело ќе ги следи арбитражните постапки произлезени од меѓународни договори

Во светот дури 80% од стопанските спорови се решаваат по пат на арбитража

„Арбитражата во корист на бизнис заедницата“ – Меѓународна конференција во Софија

Книгата „Меѓународно арбитражно право“ на проф. д-р Тони Дескоски – прв учебник по меѓународно арбитражно право и корисно четиво за правните практичари

„Правните субјекти сакаат олеснето работење, а токму тоа им го нуди меѓународната арбитража“ – Зоран Андоновски, адвокат и судија во Меѓународниот арбитражен суд во Софија

Советите на правните застапници се клучни при алтернативното решавање на трговските спорови

АЛТЕРНАТИВНИТЕ ВОНСУДСКИ ПОСТАПКИ И ПРИСТАПОТ ДО ПРАВДА: Европскиот парламент и Советот на ЕУ за медијацијата во граѓанските и трговските спорови

„Подготвуваме арбитражна судница. Времето на арбитражата допрва доаѓа“ – велат од Постојаниот избран суд ­Арбитража

Правната култура и довербата се клучни за арбитражното решавање на споровите

„ПРВО АНАЛИЗА, ПОТОА ИНВЕСТИЦИЈА“ – Адвокатот Филип Пенсол за правните ризици низ призмата на договорното и арбитражно право

ИНТЕРВЈУ СО НАЈДОБРИОТ ФРАНЦУСКИ АДВОКАТ ЗА АРБИТРАЖИ: Филип Пенсол, овогодишен предавач на Конференцијата на Академик

„И адвокатите имаат интерес од арбитражата не само како застапници туку и како арбитри“ — проф. д–р МИХАЈЛО ДИКА

АРБИТРАЖАТА Е ОДЛИКА НА ПРАВНАТА КУЛТУРА: На бизнис-секторот му е потребен брз механизам за решавање на споровите

Арбитражите во регионот ќе бидат конкурентни во однос на судовите – само со меѓусебна соработка и форсирање на знаење

М.В