/ Прочитано:

2.115

Арчибалд Рајс – кумот на полициските акции

Оваа практика на давање имиња на акциите на Балканот историски се поврзува со Србија, на почетокот на 20. век. Имено, се работи за швајцарскиот форензичар, публицист и професор на Универзитетот во Лозана, Рудолф Арчибалд Рајс.

Арчибалд Рајс

Акциите на полициските единици и на единиците за борба против разните форми на криминал често имаат впечатливи и интересни имиња под кои официјално се водат.

Како на Балканот така и во Република Македонија, досега се спроведени или се во тек акции под кодни имиња кои се впечатливи и кои лесно се помнат, па на тој начин и акциите полесно се следат. Давањето кодни имиња на предметите, пред сè, е од практични причини. Некои полициски служби го прават тоа случајно, а некои имиња се добиени по случаен избор преку компјутер.

Тие имиња, сепак, на некој начин се поврзани и со предметот и со идентитетот на осомничените, некогаш директно а некогаш називот се дава според некоја асоцијација која е поврзана со субјектите во постапката.

Оваа практика на давање имиња на акциите на Балканот историски се поврзува со Србија, на почетокот на 20. век. Имено, се работи за швајцарскиот форензичар, публицист и професор на Универзитетот во Лозана, Рудолф Арчибалд Рајс.

На повик на српската влада во 1914 година, Рајс почнал да ги истражува злосторствата на австроунгарската, германската и на бугарската војска врз цивилното население. Тој напишал голем број книги во врска со тоа истражување, а често испраќал и извештаи во угледниот швајцарски весник „Газет” и на тој начин, како угледен професор и криминолог, го известувал светот за реалноста што се случувала во Србија, изместувајќи ја пропагандата што се водела за Балканот дека е дивјачко населението што живее таму.

Негови дела се бројните воени и политички публикации поврзани со судовите и полицијата.

Арчибалд Рајс бил член на делегацијата на југословенската влада на Мировната конференција во Париз во 1919 година, која била организирана од страна на победниците во Првата светска војна. После крајот на војната, тој ја модернизирал техничката полиција, но подоцна, разочаран од негативните појави во општеството и во политичкиот живот, решил да се повлече од јавниот живот.

Интересен факт за погребот на Арчибалд Рајс е тоа што, иако неговото тело е закопано на Топчидерските гробишта во Белград, неговото срце се наоѓа во урна на врвот Кајмакчалан во Република Македонија, што била негова желба – да биде со останатите ослободители од Солунскиот фронт.

На урната пишува: „Овде во оваа урна, на врвот Кајмакчалан спие златно срце. Пријател на Србите од најтешките денови, јунакот на правдата, вистината и правото, на Швајцарецот Рајс вечна му слава.”