/ Прочитано:

1.599

Аргументите на УПОЗ за 7-часовно работно време и за прогласување на 2 јануари и 2 мај за неработни денови

Синдикатот на УПОЗ со иницијативата за промена на работното време и за измена на Законот за празниците смета дека воведувањето на 7-часовно работно време е реално како што тоа го имаат и неколку други земји членки на Европската Унија, како што се: Франција, Данска, Италија, Холандија, Ирска, Белгија. Со измена на оваа одредба во Законот за работните односи би се утврдил 7-часовен работен ден, односно 35-часовна работна недела.

Оваа иницијатива доаѓа по прифаќањето на барањето за флексибилно работно време, што го охрабри Синдикатот на УПОЗ на овој следен чекор бидејќи добрите иницијативи наидуваат на разбирање и прифаќање.

Синдикатот смета дека ова е вистински момент за поднесување на иницијативата бидејќи Министерството за труд и социјална политика е во фаза на изработка на нов Закон за работните односи. Синдикатот на УПОЗ смета дека е вистинско време и Република Македонија да им се приклучи на земјите членки од Европската Унија и на новите трендови според кои се намалува работното време и работната недела. Затоа, Синдикатот на УПОЗ предлага воведување на 7-часовно работно време како што е воведено веќе во неколку други земји членки на Европската Унија, како што се: Франција, Данска, Италија, Холандија, Ирска, Белгија.

Претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски, смета дека воведувањето на работното време од 7 часа на ден ќе овозможи добивање на неколку бенефиции.

„Седумчасовното работно време ќе овозможи намалување на невработеноста затоа што се врши подобра распределба на трудот, односно има голем број вработени кои работат подолго од 8-часовното работно време а, од друга страна, голем број на граѓани се невработени. Намалувањето на работното време за 10,2% од секој работник теоретски ќе доведе до потреба работодавачите да ангажираат дополнителен број на работници, со што би се намалила и невработеноста. И од економски аспект има бенефиции затоа што во услови на неорганизирана исхрана во органите на државната управа поскап е пладневниот оброк на вработените, а исто така зголемена е потрошувачката на топлинска и електрична енергија. Од социјален  аспект, пак, ќе се зголемат можностите за грижа кон семејството, за  релаксација и за рекреација. Во недостиг од целодневна настава на децата ученици отежнато е нивното згрижување и семејно воспитување, што е спротивно со заложбите и политиките за подобрување и зачувување на семејните вредности, а од биолошки аспект работното време особено во попладневниот период не покажува особена креативност и продуктивност. Најголемата креативност и најголемиот дел од работата се завршува до 14:00 часот, а ова дотолку повеќе се има предвид дека според географската положба денот во Македонија започнува и завршува порано во однос на западноевропските земји”, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Инаку, со сегашното решение во Законот за работните односи, односно ставовите 1 и 2 од членот 116, е предвидено дека полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно, а работната недела по правило трае 5 работни дена. Во ставот 3 од истиот член е наведено дека со закон или колективен договор може да се одреди пократко работно време од 40 часа неделно, меѓутоа не помалку од 36 часа неделно.

Во однос на иницијативата за измена на Законот за празници, Грујовски  вели дека во 2007 година дотогашниот празник 2 јануари се укина како неработен, додека годинава со одлука на Владата повторно се прогласи како неработен.

„Реакциите за ваквата одлука беа позитивни и кај вработените во администрацијата, а и стопанството позитивно ја оцени оваа одлука, но поради кусиот период и планираните активности не беше во можност да ја спроведе. Бидејќи во овој период од годината работните процеси се сведени на минимум, како во јавниот така и во приватниот сектор, а и многу компании и вработени ги спојуваат новогодишните и божиќните празници, предлагаме 2 јануари повторно да биде прогласен како празник во Република Македонија. Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај е ден кој во најголем број држави во светот е празник на трудот и одбележувањето се практикува во знак на сеќавање на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Овој датум е прифатен, и традиционално редовно во светот се организираат демонстрации во знак на одбележување на Меѓународниот ден на трудот”, истакнува Грујовски, додавајќи дека Република Македонија има долга историја на прославување и одбележување на овој датум од историјата на работничкото движење и затоа треба да се продолжи со одбележување, односно покрај 1 Мај и 2 мај да биде прогласен за државен празник.

Иницијативата за прогласување на 2 јануари и 2 мај за неработни денови, како и за воведување на седумчасовен работен ден Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) ја поднесе до Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика.

УПОЗ бара работното време да биде 7 часа, а 2 јануари и 2 мај да бидат неработни денови

ФЛЕКСИБИЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ: Од утре започнува двосменското работење во повеќе државни институции и во градинките

Одлука на Владата на РМ: Од 1 септември флексибилно и сменско работење на администрацијата

ДА СЕ ВРАТИ СТАРОТО РАБОТНО ВРЕМЕ ОД 7:30 ДО 15:30 – едно од барањата на УПОЗ и ЗСА на утрешниот штрајк

ДА СЕ ВРАТИ „СТАРОТО“ РАБОТНО ВРЕМЕ ИЛИ ДА СЕ ВОВЕДЕ ФЛЕКСИБИЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ – УПОЗ ја реактивира Иницијативата

Флексибилно работно време, скратено работно време на родител на новородено дете и татковско платено отсуство за намалување на родовиот јаз во платите 

М.В