/ Прочитано:

1.539

„АРХЕОЛОЗИТЕ НЕ СЕ КРИМИНАЛЦИ“ — Археолозите бараат правда за колегите осудени во случајот „Музеј на Македонија“

„Археолозите не се криминалци“ е мотото на петицијата што ја поведе Македонското археолошко научно друштво (МАНД) во одбрана на колегите кои беа обвинети и осудени минатиот месец од првостепениот суд дека се одговорни за кражбата на 162 артефакти од Музејот на Македонија сторена од непознати сторители.

„Пред една и пол година 162 артефакти, повеќето од нив антички златен накит, тивко исчезнаа од депоата на НУ „Музеј на Македонија“ во Скопје. Тие беа украдени.

До денес истрагата не ги откри сторителите на ова кривично дело. Украдените предмети исто така не се најдени.

Наместо тоа нашите почитувани колеги и членови на нашето Друштво, г. Златко Видески – археолог и г. Перо Јосифовски – нумизматичар, кои вршеа и директорска функција во Музејот, беа уапсени, а неодамна беа и неправедно обвинети и осудени за небрежност и за злоупотреба, која „индиректно го предизвикала и го помогнала отуѓувањето на артефактите”. Исто така и тројца други колеги, музејски кустоси и членови на Комисијата за откуп на музејски материјали, беа уапсени и неповрзано со настанот, беа неправедно обвинети во истиот случај, но за откуп на монети од регистрирана приватна колекција. Иронично, но денес овие монети се изложени во новоотворениот Археолошки музеј во Скопје како скапоцени реткости. Донесените пресуди се неверојатно високи. Осум години и осум месеци затвор за г. Перо Јосифовски, шест години и осум месеци за г. Златко Видески и од една до три години затвор за тројцата членови на Комисијата. Овие пресуди се надвор од здравиот разум и се непознати за нашиот судски систем“, се истакнува во петицијата.

Во петицијата се појаснува дека поголемиот дел од украдените артефакти се пронајдени за време на капиталните археолошки истражувања на локалитетот Исар, во близина на селото Марвинци, во јужниот дел на земјата, предводени од обвинетиот Видески.

„Златко Видески е лицето што ги водеше конкретно овие истражувања, ги документираше наодите и ги презентираше на бројни археолошки изложби. Видески е еден најдобрите и најпочитуваните археолози во земјата, кој секогаш работи користејќи го своето знаење најдобро што може во согласност со професионалните и човечките доблести“, се посочува во петицијата.

Во музеите нема услови за безбедно складирање на артефакти

Археолозите во петицијата упатуваат на системски проблем во музеите низ Македонија и на недостиг од елементарни услови за правилно и за безбедно складирање вредни артефакти.

„Системскиот проблем со несоодветни складишта во нашите музеи и недостигот на елементарни услови за правилно, безбедно складирање на вредни артефакти не се и не можат да бидат маскирани овој начин. Општествената одговорност не може и не мора да има само лични имиња“, се потенцира.

Од МАНД истакнуваат дека поддршката со потпишување на петицијата е добредојдена во насока на одбрана на вистината преку подигнување на свеста кај јавноста и властите.

„Гласни сме во нашето тврдење дека археолозите не се криминалци и ја охрабруваме полицијата да ги открие вистинските сторители и да го врати украдено културно наследство“, се потцртува во петицијата.

Обвинителството сè уште нема осомничени за кражбата

Според Основното јавно обвинителство Скопје, вработените во Музејот, обвинети во овој случај, се директно одговорни за кражбата поради наводно несовесно постапување.  На прашањето на Академик до каде е истрагата за пронаоѓање на сторителите на кражбата, оттаму одговорија:

„Вработените кои ги обвини надлежното Основно јавно обвинителство – Скопје​ се директно одговорни за исчезнатите артефакти бидејќи постапувале несовесно при ракувањето со нив, не почитувајќи ги одредбите од Правилникот за заштита на движното културно наследство и за користење на музејскиот материјал, музејските предмети и музејската документација на НУ Музеј на Македонија“.

„Нагласуваме дека, како и во сите други кривично-правни настани, Јавното обвинителство ги гони сторителите на кривични дела по откривање и по утврдување на релевантните факти. Во ситуација на пронаоѓање на предметите, Јавното обвинителство, во согласност со сите законски надлежности,  ќе ги преземе сите потребни дејствија“, додаваат од Обвинителството.

Обвинетите тврдат дека се невини

Кражбата на 162 артефакти од Музејот на Македонија беше обелоденета во ноември 2013 година. Неколку месеци подоцна, во февруари 2014 година, уапсени беа седум лица, од кои речиси сите вработени во Музејот. Дел од нив, како што беше посочено во текот на судењето, всушност самите ја пријавиле кражбата.

Карактеристично за развојот на настаните во судницата беше тоа што речиси сите сведоци и вештаци на Обвинителството ги поткрепија наводите на обвинетите.

Минатиот месец Судскиот совет, на чело со судијката Моника Бахчованска и втората судијка Лидија Петровска, сите седуммина ги прогласи за виновни и ги казни со затворски казни кои се движат од 1 до 8 години и 8 месеци. Тројца од нив, меѓу кои Јосифовски и Видески, се наоѓаат во притвор од денот на апсењето.

Инаку предметот се води по новиот ЗКП. Ниту еден од обвинетите во истражна постапка не го искористи правото да се спогоди. Тие во судница беа категорични дека се невини.

>> Повеќе за предметот информиратјте се тука.


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 02.04.2015