/ Прочитано:

989

Арнаудовска: Логични се строги критериуми за кандидатите за Академијата за судии и обвинители за ефикасно правосудство

Петок, 8 февруари 2013 – Воведувањето строги критериуми за пријавување кандидати за Академијата за судии и јавни обвинители беше во правец на исполнување на бројните препораки дадени од Европската комисија и  другите меѓународни организации за подигнување на нивото на квалитет, ефикасноста и независноста  на македонското правосудство, истакнува директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска во интервју за МИА.

Запрашана  дали строгите критериуми се препрека за пријавување на поголем број на кандидати во Академијата, Арнаудовска посочува дека е логично фокусот да биде ставен  на процесот на селекција и регрутирање со цел да се детектираат најдобрите кандидати, кои по завршувањето на  двегодишната квалитетна  обука во Академијата,  ќе бидат воведени во оваа високо угледна и престижна професија.

Додава дека не се согласува со мислењето оти вака поставените критериуми треба да се намалат бидејќи, како што вели, младите луѓе немаат друга обврска освен да учат и да се остручуваат.

Говорејќи за подготовката  за примена на новите законски решенија, посочува дека од големо  значење е  завршувањето на процесот на адаптацијата на психолошките тестови и тестот за интегритет од страна на  домашна овластена  и  независна институција врз основа на набавените меѓународни тестови од Холандија.

Директорката Арнаудовска во интервјуто за МИА меѓудругото истакнува дека во 2012 година Академијата, успешно го завршила проектот за базичните обуки за Законот за кривичната постапка (ЗКП), при што биле спроведени вкупно 35 обуки.

– Оваа активност поради својата висока професионалност и ефикасност беше оценета како одличен пример за успешност, што е последица на огромната ангажираност на тимовите составени од најискусните предавачи, но и како резултат на активното учество и посветеност на самите учесници на обуките, вели Арнаудовска.

Во тој контекст додава дека оваа година ќе продолжат со спроведување нови 35 напредни обуки за новиот закон во четири модули.

– Тоа ќе значи дека во декември 2013-та година, кога ќе започне да се применува новиот ЗКП, секој судија и обвинител ќе биде подготвен за неговата примена. Со оглед дека новиот ЗКП воведува институти досега непознати во нашиот континентален систем на кривична постапка како спогодување за вина, новата раководна улога на обвинителот во истрагата, начините на испитување како директно, вкрстено и дополнително испитување, главно со подршка на Американската амбасада и преку инструментот ТАИКС и ОБСЕ, обезбедивме искусни експерти од оваа област, од државите од кои се превземени овие институти како што се САД, Канада, Италија, делумно Германија и Ирска, вели Арнаудовска.