/ Прочитано:

1.500

АРНАУДОВСКА: Наместо намалување на независноста на Академијата, извештајот на Прибе ја нагласува потребата од нејзино унапредување

Минатата недела беше презентиран извештајот за успешната соработка меѓу Академијата за судии и јавни обвинители и француската Национална академија за правосудство. На презентацијата беше истакнато  дека во текот на 10-годишното искуство, се покажа дека Академијата претставува корисна алатка за напредокот на Македонија кон Европската Унија и кон сите други интеграции кон кои цели. Академијата, истакна францускиот амбасадор, беше критикувана од сите страни, а тоа е доказ дека спровела извонредна работа.

За директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, извештајот на Француската амбасада е уште еден доказ не само за успешната соработка помеѓу македонската и француската академија, туку и доказ за успешната работа на Академијата.

„Академијата е пофалена во сите извештаи за прогрес на ЕК, на ГРЕКО, на Мрежата на академии на ЕУ, на сите регионални мрежи чијшто член е, за што зборуваат успешно завршените 70 проекти во изминатите 12 години. Во последниот извештај на Прибе, во кој се нагласува дека единствената препорака исполнета со претходните препораки од 2015 година е таа за изборот на сите академци, за чиј целосен избор ЕУ и ГРЕКО нагласуваат дека треба да се почитува концептот за избор на судии и обвинители само од редот на завршени академци, неосновани се критиките дека Академијата вади неквалитетни кадри и дека има многу недоследности во работењето. Сите овие критики во еден работен документ, како што е Стратегијата за реформи на правосудниот систем, треба да бидат работни насоки поткрепени со конкретни предлози за подобрување на работењето на Академијата во сите сегменти. Сите недостатоци кои Академијата ги детектира се упатени до министерот за правда и Советот за реформи за разгледување и се надеваме дека ќе бидат добра основа за подобрување на работењето на оваа институција“, истакна  Арнаудовска на настанот кој се одржа во Француската амбасада.

Во врска со Нацрт-стратегијата за реформи во правосудството подготвено од Министерството за правда, Арнаудовска нагласува дека извештајот е сосема јасен: наместо намалување на независноста на институцијата, извештајот на Прибе ја нагласува потребата од нејзино понатамошно унапредување.

„Тоа треба да биде не само со задржување на постојниот концепт, туку дополнително и со воведување на законски гаранции, секој од кандидатите којшто нема да биде избран од страна на советите, да има право да поднесе правен лек до судски орган и  да биде избран во согласност со ранг-листата поднесена од  страна на Академијата. Претходното привремено законско решение за соодносот во изборот (50 – 50%) – завршени академци и лица однадвор, кој повторно се заговара (непознат е  само предложениот  сооднос), беше  постојано критикуван во сите претходни извештаи на ЕК,  како и во  последниот на ГРЕКО од четвртиот круг на оценка. Повторното воведување на ова решение ќе доведе  до расчекор во обученоста на кадрите кои ја имаат завршено Академијата и  до дискриминација помеѓу две категории кандидати,  до целосно демотивирање на постојната генерација на 38 кандидати во почетната обука кои ја започнаа 2-годишната обука во март оваа година, како и за пријавување на новите кадри. Но она што е суштинско во пораката на Прибе е дека овој концепт треба да се поддржи токму поради опасноста од  политичките избори“, вели Арнаудовска.

Во однос на прашањето за забелешките за Академијата во Нацрт-стратегијата од нормативен аспект, но и од аспект на  вокабуларот во документот, Арнаудовска додава дека вокабуларот употребен за Академијата е повеќе од проблематичен и несоодветен.

Ваквиот вокабулар, нагласува Арнаудовска, предизвика голема изненаденост и наиде на неодобрување кај меѓународната заедница и  кај најголемиот дел од членовите на работната група со кои долги години соработуваме, и тоа од редот на невладиниот сектор.

„Се чини дека ваквиот вокабулар потекнува од одредени лица во работната група кои никогаш не биле запознаени со работата на Академијата, ниту имаат познавање од меѓународните стандарди и компаративни искуства во однос на правосудството и правосудните реформи, ниту  некогаш работеле како судија, обвинител или адвокат, и немале допир со правосудната практика, па сосема е јасно дека ваквите тврдења без никаква поткрепа претставуваат обичен политички вокабулар од чисто лични побуди“, смета Арнаудовска.

„Ваквата терминологија, насочена кон деградирање на институцијата, а  првенствено на квалитетот на завршените академци, не беше поддржана во Извештајот на Прибе. Повторно ќе нагласам дека ваквите напади се спротивни на наодите во многубројните завршени проекти, над 70, во изминативе години, првенствено со ЕУ, Советот на Европа, ОБСЕ, амбасадите на САД, Франција, Холандија, Велика Британија, Германија. И во извештајот на Прибе се упатува отворена порака до реформаторската група, да не ги отфрлаат enbloc  досегашните успешни концепти и да не се брза со предлозите. Ваквите квалификации,  непоткрепени со факти, анализи, истражувања, компаративни прегледи, го карактеризираат овој документ како политички, а не како Стратегија за развој. Инаку, во однос на привлекувањето нови кандидати, за 30 празни места за 6.  генерација  се јавија 84 кандидати, што значи дека напливот на кадри кои ги исполнуваат условите за влез во Академијата (просекот, постдипломските студии, знаењето англиски) не претставува никаков проблем и секојдневно се јавуваат заинтересирани кандидати за да прашаат кога ќе се објави следниот оглас. Сите завршени кандидати се избрани и успешно ги исполнуваат функциите, вклучувајќи 8 од нив во СЈО,  имаат високи оценки во работењето во согласност со статистиката на советите. Голем дел од нив веќе се вклучени во наставата во Академијата, во професионалните комори како едукатори, ментори, но и како членови и носители на бројни регионални и меѓународни странски проекти и истражувања“, образложува понатаму Арнаудовска.

Таа додава дека треба да се работи на надминување на слабите точки на Академијата во насока на одржливоста на Академијата и во тој контекст, треба да се лоцираат потребните реформи.

„Новата стратегија и нејзината имплементација треба да се насочат кон унапредување на  одржливоста на Академијата, унапредување на  човечките ресурси и просторните капацитети. Во однос на целосната конструктивност и придонес кон подготовката на стратешкиот документ,  Управниот одбор на Академијата до Министерството за правда поднесе извештај за согледаните недостатоци во досегашната примена на Законот за Академијата, во кои се укажа на проблемите во врска со полагањето на електронските испити, потребата од  зголемување на  буџетот, со цел подобрување на квалитетот и вклучување странски предавачи во почетната обука и сл., проблемот со сертификатите за англиски јазик кои беа пречка за формирање на органите, во согласност со новиот закон, предолгото траење на управните спорови по повод тужбите на незадоволните кандидати од ранг-листата на приемниот испит и др.  Можеби е потребно да се зголеми работното искуство во правосудната професија пред влезот во Академијата, а особено да се реши проблемот со постепеното чекорење во кариерата, како во голем број европски правосудства, што произлегува од компаративната анализа на ГРЕКО од четвртиот круг  на оценка“, вели Арнаудовска.

Таа посочува дека е потребно младите судии етапно да напредуваат во кариерата, односно да започнат од полесни области, па да работат, првин како судија поединец, па потоа како член, па сè до претседател на Судечкиот совет.

„Со досегашниот начин на работење,  со преземање на судската функција и справувањето  веднаш со најтешките предмети, сосема оправдано, во јавноста  се создава перцепција за  неподготвеност и неснаоѓање, со оглед дека самодовербата во вршењето на судскиот занает се стекнува преку искуството, како животно, така и професионално“, истакнува Анета Арнаудовска.

М.В