/ Прочитано:

2.493

Арнаудовска одликувана со орден „Витез на Националниот ред за заслуги на Франција“

Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Tимоние, во име на претседателот на Република Франција, ја одликуваше директорката на македонската Академија за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, со орден „Витез на Националниот ред за заслуги“.

Амбасадорот Тимоние на доделувањето на орденот рече дека Арнаудовска во изминатите 10 години како директорка на Академијата постојано се залагаше за развој на соработката помеѓу Франција и Македонија во областа на обуката на судиите и јавните обвинители, која е од капитално значење за унапредувањето на судството преку примена на европските стандарди.

„Најважно е што се пресретнаа две желби, желбата на Македонија да оди што подалеку во спроведувањето на реформите и кон ЕУ и желбата на Франција да ѝ помогне на Македонија на тој пат кој е тежок. Со својата компетентност и непристрасност, Арнаудовска, поддржувајќи ја обуката на судиите и јавните обвинители преку постојана соработка со Националната школа за судии и јавни обвинители на Бордо, даде свој придонес за развојот на односите со Франција, како и за иднината на европската интеграција на земјата“, истакна францускиот амбасадор.

„Како директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Арнаудовска постојано се залагаше во последните десет години за развој на соработката помеѓу Франција и Македонија во областа на обуката на судиите и јавните обвинители, како клучна за зајакнување на владеењето на правото преку примена на европски стандарди од доменот на кривичното и граѓанското право, како и на индивидуалните слободи. Со својата компетентност и непристрасност, Арнаудовска, поддржувајќи ја обуката на судиите и јавните обвинители преку постојана соработка со Националната школа за судии и јавни обвинители на Бордо, даде свој придонес за развојот на односите со Франција, како и за иднината на европската интеграција на земјата“, се наведува во соопштението на Француската амбасада.

Искажувајќи благодарност за значајното признание, директорката на Академијата изјави дека за Македонија францускиот правосуден систем секогаш претставувал позитивен пример.

„За нас секогаш претставуваше позитивен пример францускиот правосуден систем, неговите водечки принципи на централизација, хиерархија, меритократија, тимска работа, талент, експертиза, систем базиран врз институционална и републиканска концепција на судска контрола и легитимитет, насочен кон селекција и едукација на мал корпус на елитни, репрезентативни судии кои имаат задача да ги решаваат правните контроверзии, на начин што на прв план ќе го имаат промовирањето на јавниот интерес и јавното добро“, истакна Арнаудовска, додавајќи дека францускиот модел на судска процедура и одлуки, цементиран во Наполеоновите поими на републиканска и меритократска државна администрација и судство, одигра проминентна улога во голем број европски држави.

„Судиите не смеат да ја узурпираат законодавната власт и ако го прават тоа, ќе ја повредат најфундаменталната премиса на републиканската форма на управување, а тоа е примената на народната волја“, подвлече Арнаудовска.

„Орденот за национални заслуги на Франција“ е воспоставен во 1963 година од страна на генералот Де Гол и е едно од најпрестижните француски одликувања. Со него се наградуваат воени или цивилни лица, Французи или странци, кои имаат особени заслуги за Република Франција. Одликувањето се доделува со указ на претседателот на државата.

Одликувањето за Арнаудовска беше најавено  во рамки на настанот кој се однесуваше на  презентацијата на кандидатката од француската Правосудна академија, Емили Петровски, за нејзиниот стаж во правосудните институции во РМ.

„Орденот за национални заслуги на Франција“, воспоставен во 1963 година од страна на генералот Де Гол, е едно од најпрестижните француски одликувања. Со него се наградуваат воени или цивилни лица, Французи или странци, кои имаат особени заслуги за Република Франција. Одликувањето се доделува со указ на претседателот на државата.

На доделувањето на орденот во француската резиденција во Скопје присуствуваа: претседателите на Уставниот суд на РМ, на Врховниот суд на РМ, на Судскиот совет на РМ, на Адвокатската комора на РМ, судии, адвокати, професори, претставници на академската заедница и публицистиката.