/ Прочитано:

2.121

АРНАУДОВСКА: Советот за реформи на правосудството е нетранспарентен

Советот за реформи во правосудството работи многу нетранспарентно,  а во Нацрт-стратегијата за реформи во судството, како Академија, воопшто не бевме вклучени и покрај пораките дека новата Влада ќе биде транспарентна, истакна денеска директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, во изјавата за медиумите што ја даде пред почетокот на Меѓународната работилница за стандардите на ЕУ за обука на судии и обвинители .

„Во Нацрт-стратегијата беше предвидено дека одреден процент од судиите ќе бидат избрани со незавршена Академија, што не беше прифатено во Извештајот на Прибе од 14 септември годинава, кога беше донесена новата Стратегија. Иако во Нацртот на стратегијата се почна со еден многу дискредитирачки вокабулар за Академијата, дека произведува неспособни кадри, дека има незадоволителни резултати во работењето… по нашите забелешки до Европската комисија, овој вокабулар беше отстранет“, рече Арнаудовска.

Останува сомнението, посочи Арнаудовска, што ќе биде со изборот на судиите и дали ќе остане процентот што беше заговаран во Стратегијата за реформи. Минатата недела, додаде Арнаудовска, на состанок на академиите во Брисел, претставник од Министерство за правда изјавил дека се подготвуваат измени во Законот за судови и дека процентот за избор на академци и луѓе надвор од Академијата ќе биде 60 наспрема 40.

„Таа изјава предизвика голема вознемиреност кај 37-те кандидати во Академијата. Тие се прашуваат од која причина полагаат тешки приемни испити, учат две години, а некој без никаква обука ќе може да се протне во судството“, нагласи директорката на Академијата, изразувајќи и незадоволство што и покрај тоа што се подготвува измена на Законот за Академијата, таа не е вклучена ниту консултирана, како и никој од органите на оваа институција.

„Советот за реформи тргна со многу фронтален напад. Тоа не беше прифатено од Европската комисија бидејќи ние 12 години работиме со ЕК да се заврши токму тој процес – избор на судии преку Академијата бидејќи знаеме колку проблеми имавме во минатиот период со неизборот на академците. Успеавме и последниот академец да се избере и сега одеднаш без никаква анализа или компаративни истражувања се поднесуваат овие предлози“, истакна Арнаудовска.

Минатата недела Министерството за правда објави дека подготвува измени на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители. Основна цел на Законот, посочија од Министерството, е отстранување на формалните критериуми кои претставуваат пречка за ефикасно функционирање на органите на Академијата.

„Реформите не се одвиваат на начин на кој јас замислував“ – Оставка на професорот Калајџиев од Советот за реформи во правосудството

М.В