/ Прочитано:

861

Асанж гледа правна заштита во политиката

Понеделник, 18 фревруари 2013 – По 8 месеци колку што веќе се крие во Амбасадата на Еквадор во Лондон,  основачот на Викиликс Џулијан Асанж смета дека открил начин како да го напушти британското тло и да ги избегне потенцијалните  кривични гонења во Шведска и САД.  За таа цел треба да биде избран во Сенатот на Австралија, Горниот дом на парламентот, изјавува тој за австралискиот портал „Конверзејшн“.

Асанж смета дека ако добие место во Сенатот на изборите во септември, „американското Министерство за правда нема да сака да предизвика меѓународна дипломатска битка“ и ќе го остави намира. САД „ќе запрат со својата истрага за шпионажа и владата на Камерон ќе треба тоа да го почитува“, објави порталот „Конверзејшн“.

Ако Велика Британија не дозволи да го пушти од државата, „политичката цена на сегашното статус-кво ќе се зголеми дополнително“, тврди Асанж. Според него, обвиненијата за силување подигнати против него во Шведска „се на пат да паднат“.

Во Австралија се формира и партија Викиликс со раководство од 10 луѓе кои испратија кандидатури за изборите на 14 септември. Асанж поднел молба да биде регистриран како кандидат во јужната држава Викторија. Портпаролот на оваа партија уште минатата недела изјави дека доколку Асанж биде избран, а не е во можност да го заземе своето место во Сенатот, друг кандидиран член на Викилис партијата ќе го пополни местото. 

Поддржувачите на Асанж се убедени дека шведскиот случај е само „параван“ тој да биде екстрадиран во САД каде  би можел да одговара за шпионажа, иако властите во Шведска го отфрлаат ова сценарио.