/ Прочитано:

2.278

Асномските идеи и визијата на адвокатот Петре Пирузе Мајски – постулати на современото македонско правосудство

Понеделник, 31 март 2014 – Асномските идеи за слободите и правата на граѓанинот, онтолошки инспирирани од аксиолошките определби за еднаквоста, слободата и законитоста, мудро истакнати од сорбонскиот правник Владимир Полежиновски, а визионерски поставени од втемелувачот на македонската адвокатура Петре Пирузе Мајски – денес се препознаваат како епохалните корени на современото македонско правосудство, но и на современата македонската државност.

Македонското правосудство е втемелено на правно – филзофските вредности на Асномската Декларација за основните права на граѓанинот

На почетокот најважно е да се спомене дека при создавањето и правното етаблирање  на македонската држава најважно место има и донесувањето на Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот, усвоена на неговото Прво заседание, на 2 август 1944, осoбeнo што ниту една друга југословенска република преку своите политички тела и органи не донела ваков документ.

Тоа најмногу се должи на  д-р Владимир Полежиновски, сорбонски правник, кој ги создал практично сите документи на стартот на македонската држава, a кој е неправдано маргинализиран во македонската историја и историјата на правото.

Декларацијата за основните права на граѓанинот е типичен пример на современи политички документи, настанати под влијание на Француската револуција и своја основа ги имаат идеите на либералните европски мислители од 18 век, а особено на Жан Жак Русо, Шарл Луј де Монтескје и  Џон Лок, основачот на либерализмот.

Со неа се уредуваат основните права и слободи на човекот и граѓанинот во демократското општество, кои пак се во неминовна поврзаност до воспоставувањето на судските органи и адвокатурата како институционален механизам на таа заштита. Општите идеи за човековите права на правникот Полежиновски, пoнатаму низ правосудната призма поконкретно и визионерски ќе ги осмисли правникот Петре Пирузе – Мајски.

Решение за уредување на правосудството

Формирањето на првите редовни цивилни судови во Македонија, почнува со донесувањето на Одлуката на второто заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година, за формирање на судски органи и поверенство за судство како и судски оддели при народноослободителните одбори и нивните задачи.

На 20 октомври 1944 година е донесено решение на президиумот на АСНОМ во кое со точка 12 се предвидува дека до целосното уредување на правосудството во Македонија, судењата ке се вршат во рамките на народноослободителните одбори. За разлика од револуционерните судови – судовите на партизанските одреди, во овој период се јавуваат како хибриден вид на правосудни органи кои иако формирани од НОВ на Македонија, сепак се карактеристични по две нешта и тоа, прв пат станува збор за правосудни органи засновани со акт на законодавно тело, и органи кои се одвоени од воената структура, како таква доминантна во сите сфери на живеењето во тој период.

Асномска повелба за устројството на редовните народни судови

 На 31 март 1945 година е донесена повелба на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија и Решение на АСНОМ за создавање на Суд за судење на престапи против македонската национална чест.

Со повелбата се основани 25 околински судови, 3 обласни судови со седишта во Скопје, Штип и Битола, и Врховен суд со седиште во Скопје. Поради ова31 март 1945 година се смета за ден на основање на судовите, односно поставување на темелите на судството во Република Македонија.

Петре Пирузе – Мајски  е основоположник на организираното македонското правосудство

Петре Пирузе е роден во Охрид, 1907 година, во семејството на Сотир и Хрисанта Пирузе.  Во родниот град завршува основно училиште и гимназија. Иако во крајно неповолна економска положба, младиот Пирузе се одлучува да го продолжи образованието, па заминува на студии по право во Белград.

По завршувањето на правните студии  се враќа во родниот град, а започнува да работи  прво  како судски приправник во Ресен и потоа како адвокатски приправник во канцаларијата на Илија Коцарев.

Со изразено чувство за правда, способност и ентузијазам, станува голем авторитет со што започнува неговата поголема дејност за организирање на политички активизам во Охрид. Со фашистичката окупација на Југославија и на Македонија во 1941 година започнува и неговата засилена револуционерна активност.

Како адвокатот постанува револуционерна легенда

Под раководството на Мајски се регрутираат борци и се формираат партизански одреди и баталјони. Тој е популарен помеѓу партизаните и населението, па набрзо неговото име постанува синоним за борбата.

Станува член на Генералниот штаб, а со негово одобрение на територијата на слободна Дебарца во 1943 година е одржан и Свештеничкиот собир во Издеглавје. Тоа претставува првата ќелија на автокефалноста на Македонската православна црква. Тогаш е издаден и Манифестот на НОБ во чие редактирање земал учество и Мајски, а бил и член на Президиумот на Асном.

Прв министер за правосудство и втемелувач на македонската адвокатура

По ослободувањето се враќа во Охрид, но веднаш потоа го испраќаат во Скопје како министер – повереник на правосудството. Функцијата прв пoвeрeник зa прaвoсудствo нa Макeдoниja ја извршува во периодот од 1944 до 1945 и дава исклучителен и еднинствен продонес за втемелувањето, организацијата и структуирањето на македонскиот правосуден систем и адвокатура .

На 7 декември 1944 година согласно Решението на националниот комитет на ослободувањето на Југославија, Петре Пирузе Мајски како министер-повереник за правда носи решение со кое се регулира статусот на Адвокатската комора.

Години на прогон: Борецот за човекови права и правда завршува на Голи Оток

Пo фoрмирaњeтo нa Maкeдoнскaтa влaдa во 1946 година, Пирузе бил отстранет од Македонија и испрaтeн зa судиja нa Врхoвниoт суд нa Jугoслaвиja вo Бeлгрaд, но уште во 1947 година му одземена „Партизанската споменица 1941“.

На 14 ноември 1950 година во Белград, без никакво образложение, Петре Пирузе Мајски бил лишен од слобода и испратен на Голи Оток, каде што останал во заробеништво четири години. Заточеништвото поминато на Голи Оток било исполнето со постојано тероризирање, пресија, измачување, психолошка тортура, малтретирање, забрането зборување со други заточеници, постојано испрашување и физичко истоштување.

И во маката се борел за правата како адвокат – никогаш не признал дека „згрешил“

Во немање на докази и аргументи за сторено кривично дело, власта го ослободува во февруари 1954 година. И покрај инсистирањето да го признае делото, никогаш не го признал тоа. Враќањето на Мајски во Македонија предизвикува паника во безбедносните служби и тој е следен, обработуван и кодошен се до неговата смрт. Безбедносниот интерес за него никогаш не престанал. По враќањето од Голи Оток работел како правен советник во Сојузната ветеринарна служба во Белград, а неговата молба за адвокатура во Скопје била земена на „нож“, внесувајќи немир кај лицата кои го контролирале неговиот професионален ангажман и приватниот живот.

Животниот пат на Адвокатот-револуционер завршува во Охрид во 1980 година.

Денес, биста од од втемелувачот на македонската адвокатура и правосудство се наоѓа пред Основниот суд во Охрид како потсетување за неговиот влог во правото пред судот на историјата.

М.В. / veljanoskim@akademik.mk