/ Прочитано:

2.340

АСОЦИЈАЦИЈАТА ЗА ПОДДРШКА НА МЕДИЈАЦИЈАТА: Медијацијата нуди прифатливи решенија за компаниите

Асоцијација за поддршка на медијацијата денеска ги промовираше своите активности кои се однесуваат на популаризацијата на медијацијата.

akademik foto 1

На денешната прес-конференција, д-р Јелисавета Георгиева, претседател на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата, рече дека тргнувајќи од фактот дека речиси секаде во коморите една од главните цели и активности е и поддршката и промоцијата пред компаниите на алтернативните начини на ефикасно решавање на споровите, како што се медијацијата, од една страна, и  следењето на  имплементацијата на европските правила и стандарди, пред сè, директивите и другите акти на Европската Унија, препораките на Советот на Европа и останатите меѓународни документи од областа, од друга страна, и Стопанската комора на Македонија дава целосна поддршка на тој процес.

Користење на медијацијата со цел искористување на сите бенефиции

Георгиева потенцираше дека Стопанската комора на Македонија, како најголема и најбројна бизнис-асоцијација во Република Македонија, прва во РМ започна со креирање и нудење на нова услуга во своето портфолио на активности, односно воведе поддршка за вршење на медијација, како за членките, така и за оние што не се нејзини членки.

„Во согласност со наведеното и во согласност со потребите на компаниите, заради поголема промоција и афирмација на оваа ефикасна алатка, на 15.7.2016 година се формираше Асоцијација за поддршка на медијацијата како форма на организирање и работење во рамките на Комората“, образложи Георгиева.

Во Асоцијацијата за поддршка на медијацијата освен лиценцирани медијатори, во согласност со Законот за медијација, доброволно учествуваат и членуваат и експерти од областа на медијацијата, компании, институции и други коишто даваат поддршка за популаризација на медијацијата.

Активностите на оваа асоцијација се насочени кон користење на медијацијата со цел искористување на сите бенефиции кои ги нуди медијацијата за изнаоѓање на прифатливи решенија за компаниите и за продолжување на нивната идна деловна соработка.

Промоција – афирмација – успех

„Асоцијацијата за поддршка на медијацијата континуирано ќе ги остварува своите активности преку соработката со Комората на медијатори на РМ, со Комората на извршителите, со Нотарската и со Адвокатската комора, како и со сите заинтересирани надлежни институции од Република Македонија за поддршка на медијацијата“, истакнува д-р Јелисавета Георгиева од Стопанската комора.

Драган Дамески, член на Асоцијацијата, истакна дека со цел сите компании да се запознаат подлабоко со можностите за медијација, издадена е  првата брошура за медијација под мотото: Промоција – афирмација – успех.

Медијацијата може да биде применлива во мноштво спорови

Славе Младеновски, член на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата.  подвлече дека медијацијата има бројни бенефиции пред другите постапки. Медијацијата, рече Младеновски, е доброволна, има исклучување на јавноста, доверлива е, поефикасна, побрза, поекономична, правична, со постигнување на спогодба според интересите на двете страни кои во иднина остануваат во добри деловни односи. Медијацијата може да биде применлива и ефикасна во мноштво спорови.

„Но оваа постапка се применува особено во: имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, како во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување. Оваа постапка се применува и во кривични спорови, доколку со посебен закон не е исклучена нејзината примена“ истакна м-р Славе Младеновски, член на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата.

Тој додаде дека постапката за медијација може да биде бесплатна за страните во случај кога страните и медијаторот ќе се договорат за тоа или кога тоа е уредено со закон.

Мислења и предлози за прашања од заеднички интерес

Илија Манасиев, член на Асоцијацијата,  истакна дека Стопанската комора на Македонија и Асоцијацијата за поддршка на медијацијата за промоција на медијацијата  преземаат бројни промотивни активности на кои компаниите и учесниците  даваат свои забелешки.

Во таа насока, подвлече Манасиев, може да произлезат одредени барања кои би биле идни активности на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата, а кои би се однесувале на разгледувањето на предлози на закони и други прописи, на давањето мислења и предлози по прашања од заеднички интерес на членовите  и покренување иницијативи за донесување и за измени и дополнувања на законите, доколку е потребно.

Задолжителниот обид за медијација е предвиден во последните законски измени во Законот за парничната постапка од 23.7.2015 година, кои започнаа со примена од февруари 2016 година, каде што фирмите треба, пред поднесување на тужба на суд за стопански спор, да се обратат кај медијатор кој ќе се обиде да го реши спорот на мирен начин и со помалку трошоци.

Така, според измените, во стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000,00 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата  да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. Ова не важи за постапките по платен налог пред нотарите. При поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи писмен доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која нема да биде приложен доказот од медијаторот дека предметот не може да се реши пo пат на медијација, судот ќе ја отфрли. Покрај задолжителната, компаниите можат да користат и доброволната медијација во нивните договорни односи.

М.В