/ Прочитано:

2.743

Асоцијација на спортски обложувалници на Македонија: Оданочувањето на малите добивки ќе стави клуч на обложувалниците и ќе остави луѓе без работа

Четврток, 28 ноември 2013 – Предложеното законско решение е тежок удар за обложувалниците и граѓаните и ќе не примора да отпуштаме  работници доколку законот биде изгласан и почне да се применува, а набрзо тоа ќе значи и комплетно уништување на нашата дејност, соопшти денеска Асоцијата на спортски обложувалници на Македонија, во пресрет на измените на Законот за персонален данок од доход кој е во собраниска процедура.

Задолжително оданочување на малите добивки

Со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот доход се опфаќа и оданочувањето на добивките на играчите во обложувалниците. Во постоечкото законско решение оданочувањето на добивките беше определно само за добивки над 10 илјади денари. Новите законски измени предвидуваат оданочувањето да се врши на сите добивки, односно не постои лимит за оданочување на определна парична вредност.

Па така на пример: доколку некој играч уплати 100 денари, а добие 500, 10 % ќе се оданочат тие 500 денари, но заедно и со 100-те денари кои пак се оданочени по други основи; или, пак, играчот ќе се оданочува на загуба затоа што ќе се верификува како добивка. Ќе има и оданочување доколку играчот уплатил за некој натпревар, а натпреварот се прекинал – во тој случај ќе се оданочат и тие пари затоа што ќе се сметаат како добивка, ги објаснуваат од Асоцијацијата предложените законски решенија, што за нив се нелогични.

Според податоците на Асоцијацијата во Македонија се обложува 46% од населението

 За потребите на оваа дејност биле реализирани статистички истражувања кои говорат дека во Македонија се обложува 46% од населението. Од Асцоцијацијата наведуваат дека прилагодливоста на условите го овозможува тоа затоа што општо е прифатен концептот на мали уплати, но со Предлог – законот суштински би се промениле работите, најмногу затоа што тие граѓани – учесници ќе бидат на даночен удар.

„Основниот концепт на игрите на среќа се состои од голем број на мали уплати, голем број на мали добивки и со одреден број на поголеми добивки. Малите добивки се повеќе од 95% од целокупната исплата. Тие се безбедни игри кои не предизвикуваат зависност кај играчите, туку напротив, задоволство, дружење, забава и „зачинето“ следење на спортските натпревари, за мали средства. Не залудно обложувалниците се можеби единствените објекти од услужната дејност каде постои дружење без предрасуди на расни, верски, национални или политички основи“, ја објаснуваат од Асоцијацијата социолошката импликација на обложувалниците.

За тоа, во тој контекст, оттаму сметаат дека секое оданочување, вклучувајќи го и минималното оданочување на малите добивки ги обесмислува овој тип на игри на среќа, ги одбива учесниците/играчите и значително го намалува вкупниот обрт и вкупната исплата, а на тој начин индиректно ќе се намалуваат и буџетските приливи.

Закана од отпуштање на работници и појава на обложувалници „на црно“

Претседателот на Асоцијацијата, Филип Филиповски, истакнува дека при подготвувањето на законското решение не биле консултирани, иако тоа требало да се направи бидејќи прашањето директно ги тангира нивните интереси, а во случајов ги загрозува.

„Се надеваме дека Министерството за финансии ќе има слух за овие аргументи бидејќи навистина ќе се соочиме со тежок проблем“,  потенцира тој.

Според Горан Павиќевиќ, извршен директор на Спорт Лајф, отпуштањето на работници ќе биде неминовност.

„Ќе мора да отпуштаме работници, се намалуваат приливите, едноставно Предлог – законот со тие одредби не ја отсликува реалната состојба. Mора да се најде начин за поинакво регулирање на ова прашање, односно бараме да се изедначи со другите игри на среќа, каде што постои отстапување од ваков тип на оданочување на конкретни добивки“, апелира Павиќевиќ.

За Александар Јовичиќ, управител од Моцарт обложувалници, Предлог – законот ќе делува демотивирачки на играчите затоа што, како што вели,  смислата на обложувањето е во малите добивки, а со ваквото решение би се ускратила таа состојба и задоволство кај играчите затоа што ќе делува дестимулативно, а пак директно ќе се одрази  работењето.

И за Слободан Веселиновиќ, директор на Делта бет,  предложеното решение ќе создаде ситуација бројот на вработени да се намалува заради неможноста економски да се издржи во такви услови.

„Покрај прашањето со намалување на вработените, драстично ќе се појави и нелојална конкуренција односно ќе се појават обложувалници на црно што не е добро ниту за државата, ниту за нас, ниту за играчите. На краток рок тоа ќе значи рушење на целата индустрија“,  акцентира тој.

Посочени правни импликации: Двојно оданочување, неусогласеност со Законот за заштита на лични податоци, обврска  на играчите да пријавуваат во УЈП

Асоцијацијата направила детална анализа за правните импликации од предложеното решение со детектирање на сите аномалии, непрецизности и проблеми кои според нив би го предизвикало практичното применување на законот.

„Предлог решението за оданочување на персонални даноци на добивка на секоја поединечна добивка на играчите, предизвикува двојно оданочување, односно се пресметува персонален данок на добивка на целиот износ на исплата, со вклучен износ на уплата во неа, иако уплатата на играчот е од лични средства кое се веќе оданочени по некој основ (на пример плата). Логично е да се бара оданочување на остварена добивка, односно на разликата помеѓу исплатената сума и уплатената сума. Во крајна инстанца, треба да се земат в предвид сите уплатени суми и одземат сите исплатени суми на еден играч во текот на годината и таа разлика да претставува основ за пресметка на персонален данок на добивка, доколку истата воопшто постои“, се вели во анализата на Асоцијацијата.

Според анализата постои недвосмислено несогласување има со Законот за заштита на лични податоци, каде се тврди дека не смее да се бараат, задржуваат и запишуваат податоци во база за ЕМБС на играчите или задржуваат копии од лични карти. Проблем од Аасоцијацијата гледаат и во наметнувањето на обврска со евидентирањето на добивките.

„Во моментов, УЈП во пракса прима годишни даночни пријави на само околу 10% од населението. Таа бројка ќе се зголеми на 40% од граѓаните на РМ на кои, организаторите треба годишно да им достават по пошта потврда за платен данок, што значи дека треба да се води регистар за секој поединечен играч (а тоа се коси зо Законот за заштита на лични податоци) и сите негови поединечни исплати. Прибирањето на податоци од играчите носи дополнителни трошоци за организаторите околу поштенски провизии, банкарски провизии, дополнителни административни вработени, дополнителни вработени по објектите за собирање на податоци, во услови на намален прилив. Дури и самото пополнување и плаќање на вирманите (кои би биле илјадници дневно) е тешко за реализација“, се наведува во анализата.

Асоцијацијата со конкретни предлози и апел за нивно разгледување и прифаќање

Предлог решенија на Асоцијацијата за нормативна интервенција во текстот на Предлог – законот се привремено да се стопира законот или да се дополни со консултирање на нивен или друг предлог. Велат дека е потребно привремено да се стопира или одложи предлог Законот за измени и дополнувања на Законот за персонален данок на доход од собраниска процедура, поради дополнителни консултации, истражувања, пресметки и евентуални промени на членот 54 и членот 55. Во таа фаза нудат и максимална ангажираност и кооперативност со Министерството за финансии околу донесување на квалитетно и издржано решение, кое, како што наведуваат, ќе биде трајно и недвосмислено.

Ако пак се продолжи со собраниската процедура, во фаза на второ читање, Асоцијацијата предлага да се поднесе и прифати амандман кој ќе изврши промена на членот 55, каде ќе се изедначат општите и посебните игри на среќа, односно да не се пресметува персонален данок на добивка на поединечна уплата која не го надминува износот од 5.000 денари. И со ова решение, иако не е најсоодветно, сепак двојно би се зголемил буџетскиот прилив по основ на персонални даноци на добивка од игрите на среќа, а нема да донесе трајни негативни импликации по играчите и индустријата, наведуваат во конкретниот предолг.

Компаративен преглед на европското законодавство од Асоцијацијата

Споредбата со европските држави говори за земји во кои не се оданочуваат игрите на среќа дополнително со данок на доход. Такви се: Германија, Велика Британија, Чешката Република, Данска, Ирска, Австрија, Бугарија, Кипар, Унгарија, Италија, Луксембург, Малта, Република Србија, Црна Гора.

Има европски држави во кои дополнително се оданочуваат игри на среќа. Па така, во Белгија играчите мораат сами да се пријават преку годишна даночна пријава, која ги вклучува сите добивки и загуби, додека компаниите немаат обврска околу пријавувањето на играчите. Хрватска го третира ова прашање така што сите добивки поголеми од 4000 евра се оданочуваат по стапка од 15%, а повеќе од 66.000 евра стапка е 20%. Во Грција  добивки се оданочуваат по стапка од 10 проценти. Во Литванија добивка поголема од 1.000 евра приредувачот пријавува на УЈП, со обврска да издаде барање на играчи и сертификат за загуби, за да и двете бидат подеднакво третирани. Шпанија промулгира обврска да ги пријавуваат сите добивки над 2.500 евра на крајот на годината се оданочува со стапка од 20 отсто. Во Шведска има годишен данок од 50 отсто на приходите од игри на среќа. Норвешка  добивка над 10.000 се оданочува со стапка од 28 отсто, а во Финска  годишен данок од 30 отсто на приходите од игри на среќа. Словенија ги оданочува добивките во казино над 4.000 евра по стапка од 50 проценти , а останати над 300 евра по стапка од 15 проценти. Португалија ги оданочува добивките од лотарија повисоки од 5.000 евра се оданочуваат по стапка од 20 отсто. Во Холандија  се оданочува добивката над 454 евра по стапка од 29 проценти, со што се сметаат и уплатите како добивка, а во Полска добивката поголема од 2.400 евра се оданочуваат со стапка од 10 отсто.


Автор: Милчо Велјаноски

Објавено: 28.11. 2013