/ Прочитано:

969

Асоцијацијата на архитекти со петиција за одбрана на ГТЦ од барок

Вторник, 11 јуни 2013 – Архитектите се обединија во обид да го спасат ГТЦ од барокна фасада, според нив ваквото решение претставува сквернавање на културното наследство.

Под мотото „Го сакам ГТЦ“,  Асоцијацијата на архитекти на Македонија, поддржана од професионалци од релевантни области ги повикаа граѓаните на заедничка акција за поддршка на идејата за зачувување на карактерот и духот на ГТЦ. 

Потпишувањето на петицијата, како што известуваат ќе биде во петок на западниот влез на ГТЦ од плоштадот „Македонија“, од 10-19 часот. Во 18 часот ќе има јавно говорење, а во  19 часот ќе има гушкање на ГТЦ.

„ГТЦ е нераскинлив дел од идентитетот на Скопје, наше градителско, историско и културно наследство. Секоја несоодветна промена на ГТЦ е сквернавење и на нашите спомени и лични истории. Имаме заедничка одговорност за она што го оставаме на идните генерации. ГТЦ мора да остане отворен, проточен за пешачко движење, функционален, автентичен, градски. Дојдете да ја потпишеме петицијата, јавно да проговориме за ГТЦ и симболично да го гушнеме!“, повикуваат организаторите. 

Од Центарот за заштита на културното наследство за порталот „Фактор“ велат дека се подготвува и Иницијатива преку која ќе се направи обид да се спречат натамошни промени на ликот на објектите, особено во центарот на метрополата.

“Сегашниот закон не предвидува заштита на делата од современата уметност. Сметам дека и тие мора да се стават под заштита со јасно прецизирани законски одредби. Во сегашниот закон има многу пропусти, кога се кроеше решнието не беше прифатена ниту една забелешка од стручната јавност. Сега, законот е со многу празнини што овозможуваат простор за вакви дејства на интервенции и можност сите различно да го толкуваат. Сегашните интервенции на постоечките објекти земаат голем замав. Преку Инцијативата ќе побараме да се утврди точната листа на сите споменици како и листа на современи објекти чија вредност ќе мора да се валоризира за да се заштитат од натамошни промени“  – објаснува професорката Донка Барџиева Трајковска, претседателка на Центарот за заштита на културното наследство.

Барокното решение за ГТЦ на архитектот Жарко Чаушевски – автор на неколку идејни решенија за објекти од Скопје 2014, предвидува уште еден кат, три куполи и десетици антички столбови и скулптури.