/ Прочитано:

930

Асоцијацијата на спортски обложувалници реагира на најавените измени на Законот за игрите на среќа

Клуч на врата на сите обложувалници ако се донесат измените на Законот за игрите на среќа, според кои обложувалниците треба да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата и високообразовните институции, велат од Асоцијацијата на спортски обложувалници. За Асоцијацијата се неприфатливи измените бидејќи на овој начин ќе се затвори целата индустрија, 8.0000 вработени ќе останат без работа, а ќе се зголеми и нелегалното обложување и сивата економија. АСОМ ја повикува Владата и Министерството за финансии сериозно да размислат дали ваков закон оди во прилог на јакнење на кревката економија и на намалување на стапката на невработеност.

Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) реагира на измените на Законот за игрите на среќа, кој беше објавен на Единствениот национален електронски регистер на прописи (ЕНЕР).

„Овие законски измени ќе доведат до целосно затворање на индустријата, губење на илјадници работни места и огромни загуби за државниот буџет. Ставот на АСОМ во однос на измените за оддалечување на деловните објекти е целосно неприфатлив и на нив силно се спротивставуваме. Растојанието од 500 метри оддалеченост на нашите деловни објекти од училишта и високообразовни институции, според анализите што ги направивме, значи затворање на 98 отсто од уплатно-исплатните места, односно гасење на цела индустриска гранка. Со ова, директно се загрозува егзистенцијата на речиси 8.000 семејства, односно 8.000 вработени во индустријата на игрите на среќа, кои преку ноќ ќе ја изгубат работата. Негативни последици ќе има и врз повеќе од 50.000 работни места во други стопански гранки, кои индиректно зависат од нашата работа“, вели Васко Илијевски, претседател на АСОМ.

„Ваквото законско решение широко ќе го отвори патот на сивата економија и нелегалното обложување затоа што затворањето на спортските обложувалници нема да го запре обложувањето – играчите ќе бараат алтернативни начини и обложувањето ќе се префли на нелегални локации. На тој начин, според АСОМ, државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите и малолетниците“, велат од АСОМ.

АСОМ реагира и поради тоа што со ваквиот закон се одзема стекнатото деловно право на компаниите кои имаат важечки лиценци за постоечките објекти и предупредува дека ќе има сериозни домашни и меѓународни правни импликации доколку им се скрати ова право на компаниите.

Во однос на предлогот за зголемување на давачките, АСОМ потенцира дека приредувачите во земјава и сега плаќаат највисоки даноци во Европа, а наведената причина за нивно зголемување е целосно контрадикторна со оддалечувањето на објектите.

„Ако ние ставиме клуч на врата на нашите објекти, државата ризикува да ги изгуби сите средства со кои индустријата на игри на среќа и сега придонесува во државниот буџет, а тоа се повеќе од 250 милиони евра по сите основи на работењето. Зошто се покачуваат даноци, ако практично планот е да се затворат објектите и кој би бил економскиот ефект од тоа. Сметаме дека предлог-законот е направен без никакви економски и пазарни анализи и дека ќе има многу сериозни импликации врз државната економија, која и онака е силно погодена и дестабилизирана од ковид-кризата“, образложува Илијевски.

Законски измени за оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од училиштата

М.В