АВТОРСКО ПРАВО: Музички ѕвезди обвинети за плагијат
Ако во времето на Моцарт, Салиери, Бетовен, постоеја Париската конвенција, Бернската конвенција, Светската организација за интелектуална сопственост, Договорот за трговските аспекти на правата од интелектуална сопственост (ТРИПС), националните прописи за заштита на интелектуалната сопственост, ќе беше полесно да се реши дилемата дали Моцарт „позајмувал“ од Салиери, или Салиери од Моцарт, или Бетовен од Моцарт….
Денешната поврзаност меѓу земјите низ целиот свет, а уште повеќе развојот на технологијата и разните софтвери за детектирање на плагијати, и строгите правила со кои авторите го штитат своето авторство, ги „здоболува“ и светските музички миленици. Ова е само дел од долгата листа на музички ѕвезди обвинети за кршење на авторските права:
Џорџ Харисон во 1971 година беше обвинет за плагијат поради преголемата сличност на неговата My Sweet Lord со хитот од 1963 година на Шифонс, He’s So Fine. Долгогодишниот процес заврши во 1998 година со пресуда со која Харисон требаше да плати 1.5 милиони фунти (подоцна овој износ беше намален на 587.000 фунти).
Ванила Ајс им плати на Квин и Дејвид Боуви околу 2.8 милиони фунти, бидејќи ги „позајми“ популарните рифови од нивниот сингл од 1981 година, Under Pressure како бас основа за неговата песна Ice Ice Baby.
Лана Дел Реј и Радиохед се спорат околу песната на Лана, Get Free која наликува на Creep од Радиохед. Но оваа ситуација е повеќе од интересна, бидејќи и самите Радиохед беа обвинети од Алберт Хамонд и Мајк Хазлвуд токму за песната Creep, бидејќи таа пак наликува на баладата The Air That I Breathe во изведба на Холис од 1974 година. Оваа ситуација се разреши со тоа што Хамонд и Хазлвуд добија ко-авторство за песната Creep.
Кети Пери, во 2014 година, за нејзината песна Dark Horse, беше обвинета за плагијат и требаше да плати 2.8 милиони долари на авторите на песната Joyful Noise изведена од раперот Маркус Греј (АКА Флејм). Процесот заврши во 2020 година кога Апелациониот суд пресуди во корист на Пери наведувајќи дека „секвенцата од девет ноти и баш не е толку уникатна или ретка комбинација“.
Популарниот Ед Ширан е обвинет од страна на раперот Сами Чокри дека Shape of You неверојатно наликува на неговата Oh Why. Ова не е прва тужба за Ширан – тој во 2016 година беше тужен од фамилијата на Ед Таунсенд, авторот на Let’s Get It On на Марвин Геј, за песната Thinking Out Loud која, исто така, неверојатно наликувала на Let’s Get It On.
Против Дуа Липа се поднесени две тужби и двете за нејзината песна Levitating од 2020 година – авторите Расел Браун и Сенди Линзер тврдат дека воведната мелодија е „дупликат“ на нивна Wiggle and Giggle All Night, а американскиот реге бенд Артикал Саунд Систем тврди дека Дуа Липа направила плагијат на нивната Live Your Life од 2017 година.