/ Прочитано:

1.608

Автошколите повторно ќе бараат измена на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата

Автошколите најавуваат возобновување на иницијативата за измена на членот 233 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, според кој  возилата треба да имаат камери со кои ќе се снима обуката. „Оваа мерка почна да се спроведува од 8.1.2016 година, а практиката покажа дека таа не придонесе за подобрување на квалитетот на испитот, туку напротив – го уназади“, вели Јонче Апостоловски, претседател на Здружението на автошколи, возачи и инструктори на РМ.

Автошколите најавуваат возобновување на иницијативата за измена на членот 233 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, според кој  возилата треба да имаат камери со кои ќе се снима обуката.

„Оваа мерка почна да се спроведува од 8.1.2016 година, а практиката покажа дека таа не придонесе за подобрување на квалитетот на испитот, туку напротив – го уназади“, вели Јонче Апостоловски, претседател на Здружението на автошколи, возачи и инструктори на РМ.

Според него, не се постигна првобитната цел кандидатите да полагаат побргу и полесно. Апостоловски тврди дека негативните последици еднакво ги чувствуваат и инструкторите и кандидатите.

„Лицата што учат да возат чувствуваат трема и страв од евентуална грешка при возењето, а фактот дека камерите ги снимаат воопшто не им помага да се опуштат и полесно да се концентрираат“, појаснува тој.

Според него, под еднакво голем притисок се и инструкторите, кои покрај издатокот од околу 500 евра за камерата и за мемориските картички, секојдневно имаат обврска да го чуваат снимениот материјал во компјутерскиот систем на автошколата. Префрлувањето на материјалот за секој од кандидатите трае од 15 до 20 минути, па така, во зависност од нивниот број, на крајот на денот инструкторот издвојува од еден и пол до 2 часа само за оваа обврска. Членот 233 предвидува снимените податоци да се чуваат во автошколата 90 дена од денот на издавање на потврдата за оспособеност на кандидатот за возач.

„Ова е уште еден проблем, бидејќи во меѓувреме имаме сè помалку простор за нивно зачувување“, вели Апостоловски. Според законските решенија, овие материјали се бришат од страна на тричлена комисија, формирана од правниот субјект што го снимал материјалот (автошколата). Автошколите потврдуваат дека екипи на МВР повремено доаѓаат во контрола, прегледувајќи ги снимените податоци, но дека досега од нивна страна не била утврдена ниту една нерегуларност. Токму затоа се надеваат дека ќе успеат да договорат работна средба со претставници на МВР на која ќе ги образложат сите свои мислења во врска со одделните законски решенија и ќе ги соочат аргументите за и против. Едно од образложенијата им е дека вакви мерки досега не се спроведени во ниту една земја од опкружувањето, ниту пак во ЕУ.

Автошколите во одбрана на своето барање за измена на членот 233 од Законот за безбедност во сообраќајот наведуваат уште еден аргумент. Според нивните претставници, овие решенија се косат со Законот за заштита на личните податоци.

„Во ниту еден негов член кој ги обработува правата на субјектот на лични податоци не е споменато дека може да се врши аудионадзор, туку само видео. Исто така, во членот 9-а од овој закон стои дека снимките направени при видеонадзор се чуваат до исполнување на целите за кои се врши, но не подолго од 30 дена. Од друга страна, ние сме обврзани со рок на чување од 90 дена“, вели Апостоловски.

Според Дирекцијата за заштита на личните податоци, овие решенија, од формално правен аспект, не се косат со Законот за заштита на личните податоци бидејќи се регулирани со друг закон. Во случајов, тоа е Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во него се предвидени норми со кои се уредува прашањето на видео и (аудио) надзорот во однос на автошколите. Тие во согласност со овој закон имаат обврска задолжително да имаат соодветен уред во возилата (камера со двострано снимање со сопствен извор на напојување), кој овозможува видео и аудио запис со можност за архивирање и документирање на снимените податоци кои се чуваат во автошколата 90 дена од денот на издавање на потврдата за оспособеност на кандидатот за возач.

„Оттука, ваквата одредба претставува исклучок од утврденото правило во Законот за заштита на личните податоци во согласност со кое снимките направени при вршење на видеонадзор се чуваат до исполнување на целите за кои се врши, но не подолго од 30 дена, освен ако со друг закон не е предвиден подолг рок, како во случајов“, вели Игор Кузевски, генерален секретар на Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Од оваа институција истакнуваат дека се запознаени со фактот дека автошколите не се задоволни со дел од решенијата од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, но посочуваат дека за ова треба самите автошколи да иницираат постапка во која од МВР би побарале нивно преиспитување преку измена на соодветните прописи.

„Потоа својот став со соодветно мислење Дирекцијата ќе го искаже во соодветна постапка“, вели Кузевски.

Според МВР, досегашните контроли над возилата со кои се спроведува обука на кандидатите за возачи во автошколите покажале дека во целост се почитува важечката законска регулатива од страна на сите лиценцирани правни лица за обука на кандидатите за возачи. Од таму посочуваат дека со нејзиното донесување предвидел мерки со кои се очекува подобрување на квалитетот на обуката на кандидатите за возачи. За тоа дали има подобрување на квалитетот на обуката, дали од образовниот процес ќе излезат возачи кои ќе имаат подобро познавање на правилата и прописите кои се однесуваат на безбедноста на сообраќајот, стручните служби во Министерството ќе направат анализи.

„За да бидат релевантни овие анализи, ќе биде потребно да помине одреден временски период во кој кандидатите за возачи кои сега се обучуваат, потребно е претходно да го полагаат возачкиот испит во испитните центри и потоа да ја имаме вистинската слика дали и во кој период сме постигнале подобри резултати“, велат во МВР.

Доколку анализите на стручните служби покажат дека нема подобрување на овој план (возачи со подобро познавање на правилата и прописите), од страна на истите служби ќе бидат побарани, разгледани и понудени нови законски решенија со кои би се очекувало постигнување на зацртаната цел. Во Министерството потсетуваат дека оваа мерка (поставувањето камери во возилата) е преземена со цел да се избегнат најчесто констатираните недоследности при контролите и надзорот на автошколите во изминатите години (отстапување од наставниот план, нецелосно спроведување на обуката итн.).

Законот предвидува дека доколку при надзорот од страна на екипите на МВР се констатира дека автошколата не ги оспособува кандидатите на пропишан начин, се преземаат мерки во согласност со став 2 од член 237 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на РМ“ бр.69/15), каде што е предвидено со решение да се забрани вршење на оспособување на кандидати за возачи во времетраење од 30 дена, се изрекува глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност на правното лице во согласност со став 9 и глоба за одговорното лице (во износ од 30% од одмерената глоба за автошколата) во согласност со став 10 од истиот член.

А. Б.