/ Прочитано:

2.836

ЗАТВОР ЗА УЧЕСТВО ВО СТРАНСКИ ВОЈСКИ: Обвинителството досега не добило информации за македонски џихадисти

Учеството на сѐ поголемиот број на млади луѓе од верски или од материјални интереси во странски воени конфликти ги промени законските прописи во повеќето земјите од регионот. Со цел зајакнување на националната безбедност и борбата против глобалните закани, особено тероризмот, македонското Собрание изгласа измени во Кривичниот законик со кои  учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации ќе се казни со најмалку 4 години, додека казната за организирање и финансирање ова дело со најмалку 5 години. Од Обвинителството велат дека досега не добиле информации за македонски џихадисти. Експертите, пак, порачуваат поголема ангажираност на надлежните, како и исклучителна будност на службите и брза размена на информациите.

Основна цел на измените на постојниот Кривичен законик, како што посочи заменик министерката за правда  Билјана Бришкоска–Бошковски,  е да се зајакне системот на национална безбедност и борбата против глобалните закани, особено тероризмот.

Измените доаѓаат по извештаите на повеќе меѓународни организации за злосторства, масакри, киднапирања и етничкото чистење што го спроведуваат џихадистите на Исламската држава во Ирак.

„Со измените тој што спротивно на закон создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија ќе биде казнет со затвор од најмалку пет години. Со казна затвор од најмалку пет години ќе биде казнет и оној кој директно или индиректно, нуди, дава, обезбедува, бара, собира или прикрива финансиски средства, фондови, материјални средства или опрема коишто ќе бидат наменети за извршување на кривичното дело од ваков тип“, рече Бришкоска–Бошковски.

Државјаните на Република Македонија, кои спротивно на закон ќе учествуваат или ќе се обучуваат од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи кои, надвор од територијата на Република Македонија, ќе се соочат со затворска казна од најмалку четири години.

Со казна затвор од најмалку четири години се санкционира и тој што спротивно на закон на собир, преку пишан текст, со аудио – визуелни снимки, преку социјалните мрежи или со било кој друг облик на комуникација повикува, со ширење или ставање на кој било друг начин на располагање на јавноста порака, или врбува или поттикнува друг на извршување на делата. 

Посебен став е посветен на заштитата на деца при што е пропишана казна затвор од најмалку 5 години за оној кој  ќе регрутира или обучува деца за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации.

 Со измените ќе биде казниво и помагањето како и обидот за извршување на овие дела.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска изјави дека со овие измени, Македонија испраќа силна порака.

„Македонија застанува во редот на држави кои јасно и недвосмислено испраќаат порака до сите оние кои размислуваат за учество во вакви паравоени и параполициски формации дека секое вакво дејствување ќе биде санкционирано со затворски казни“, истакна Јанкулоска. 

Денеска, пак, министрите за внатрешни работи на Македонија и Албанија се согласија околу потребата од формирање на оперативни тимови кои би работеле на ова поле и на создавање на услови за поефикасна размена на информации.

Американскиот амбасадор во земја, Пол Волерс, оцени дека ваквите измени се добар чекор за Македонија. Според Волерс,  законските решенија ќе има значителен ефект да ги одвратат луѓето да одат и да се борат на страна на терористите низ светот.

ЈОРМ: Досега немаме пријава за учество на  лица во странски војски

Обемни акции при што беа уапсени лица кои регрутирале и поттикнувале на учество во војните во Сирија и во Ирак, имаше и Косово и Албанија. Официјалниот број на етнички Албанци од регионов кои ги загубија животите во борбите во Сирија и Ирак е 36, од кои деветмина се од Македонија. Од македонското Обвинителството за Академик велат дека  имаат соработка со колегите од регионот, но дека немаат информации за постоење на основано сомнение дека во Македонија се регрутираат лица за учество во странски војски, ниту, пак, досега во Oбвинителството пристигнало пријава за учество на лица во странски војски.

„Што се однесува до законската регулатива, како и досега Јавното обвинителство има доволен капацитет за имплементација на сите  надлежности согласно на законските прописи“, велат оттаму.

Поранешниот  разузнавач и универзитетски професор Владимир Пивоваров укажува на потреба за поголема ангажираност на надлежните, како и исклучителна будност на службите. Како што вели, се работи за сериозна закана за безбедноста со оглед да во јавноста веќе беа објавени имиња на македонски државјани кои загинале во конфликтот во Сирија што едновремено е  добра основа за истрага. 

Според Пиворавов, казните пропишани со измените на Кривичниот законик се благи и не се доволни. Како пример кој Македонија треба да го следи ја посочува Англија која на овие лица им го одзема државјанството.

„Дали овој човек кога ќе излезе од затвор ќе и’ биде лојален на државата? Затворот треба да влијае на  ре-социјализацијата на ова лице, но јас не верувам дека тоа ќе се случи.  Ако на пример ја земеме Англија, тие отидоа малку подалеку, на таквите лица им забрануваат влез во својата земја, чекор, според мене,  многу паметен,  Потребно е службите да преземат брза размена на информации, навремено да се дејствува, да не биде после – сме биле изненадени“,  подвлекува Пивоваров.

Во изминативе 3 години, војната во Сирија привлекла 12.000 странски доброволци

Пред два дена, и во БиХ, во голема полициска акција беа уапсени 16 лица кои се осомничени за поврзаност со радикални терористички организации. Уапсените се сомничат за финансирање и јавно поттикнување на терористички активности, врбување на нови членови во теророристички групи за учество во војните во Сирија и Ирак за да се борат на страна на радикалните терористи.

Меѓу уапсените е и Халил Билал Босниќ, неформален водач на вехабистите во Босанска Краина, познат по своите анти- американски и анти-западни говори.

Во акцијата именувана „Дамаск” учествувале близу 200 полицајци од специјалните единици, кои вршеле претрес на 17 локации низ државата.

Ова е прва акција откако беше сменет тамошниот Кривичен законик и се воведе затворска казна до 10 години за босанските граѓани што се борат или пак, регрутираат борци во странски воени и паравоени формации.

Професорот на сараевскиот Факултет за политички науки Владо Азиновиќ вели дека војната во Сирија во текот на минатите три години привлекла околу 12.000 странски доброволци од околу 80 држави.

„Се претпоставува дека од БиХ досега за Сирија заминале меѓу 150 и 160 мажи, 20-ина жени и уште неутврден број на деца. Добар дел од нив се вратил, 20-ина загинаа, а дел воопшто нема намера да се врати. Против таквиот феномен тешко е да се борите само со криминализација и полициска репресија. Неопходно е да се развие усното информирање на луѓето, да се засили улогата на семејството, социјалните служби, образовните институции, медиумите, верските заедници за на еден осумнаесетгодишник да не му биде привлечно да оди во Сирија – земја која веројатно не знае ни да ја покаже на картата, и во конфликт кој не го разбира“, вели Азиновиќ за „Дојче веле“.

Според угледниот магазинФорин аферс“ никаде во Европа опасноста од враќањето на џихадистите што војуваат во Сирија и Ирак не е поголема отколку на Балканот. Притоа, магазинот тврди дека Босна дава повеќе волонтери по глава на жител на овие фронтови од која било друга европска земја и дека сега во Сирија има петстотини доброволци од регионот.

На удар, според „Форин афеарс“, е и Македонија каде што, како што се наведува, вахабистите водат битка со Исламската верска заедница за преземање на контролата на џамиите „Јајапашина“, „Султан Мурат“, „Худаверди“ и „Ќосе каде“.

Според анализата, оваа милитантна исламистичка структура почнала да се создава во времето на Алија Изетбеговиќ. Во тој период, како што се наведува, многумина муџахедини од Авганистан нашле засолниште токму во Босна по успешните терористички акции во Њујорк, Лондон, Мадрид, Мумбаи…


Е. П./ pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 5.o9.2014