Барање за автентично толкување: Дали судии и адвокати правилно го толкувале членот 85 од ЗРО
Пратеникот Иван Стоиљковиќ во Собранието поднесе Барање за автентично толкување на членот 85 од Законот за работните односи.
„Одлуката за откажување на договорот за вработување, односно одлуката за изрекување на парична казна задолжително се дава во писмена форма, со образложение на основот и причината за откажување на договорот за вработување, односно причината за изрекување на паричната казна со правна поука“, гласи членот 85 од ЗРО.
Во Барањето за автентично толкување се наведува дека потребата од толкувањето произлегува од повеќе различни сфаќања на оваа одредба во судската пракса, така што, како што се вели во барањето, некои судии и адвокати оваа одредба ја толкувале дека работодавачот при изрекување на паричната казна на работникот морал да наведе правен основ на казната.
Пратеникот во Барањето, исто така, наведува дека спротивно на тие толкувања, најчестите толкувања оделе во насока дека за паричната казна работодавачот не бил должен да го наведе правниот основ и дека за казната било доволно да се наведе само образложение.
Во врска со Барањето за автентично толкување на членот 85 од ЗРО, од Владата пак сметаат дека членот е доволно јасен. За одлуката за изрекување парична казна, се вели во Мислењето на Владата, задолжително се образложува основот за донесување на одлуката.
М.В