/ Прочитано:

1.871

Белгискиот адвокат Пол Бекерт – правен застапник на каталонскиот лидер Пуџдемон

Познатиот белгиски адвокат Пол Бекерт ќе ги брани правата на каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон, кој се наоѓа во Белгија.  Адвокатот Бекерт е, како што пишуваат светските медиуми, адвокат-ветеран во заштитата на човековите права кој во минатото работел на случаи во кои биле инволвирани Баскијци и Курди.

Судовите, нагласува белгискиот адвокат, никогаш не смеат да се користат за политички влијанија и изјави и тоа не смее да го прави и Шпанија во случајот со Пуџдемон.

„Првенствено, Пуџдемон дојде во Белгија бидејќи е главен град на Европа. Тој е овде легално и не се крие“, истакна Бекерт, обраќајќи се од својата адвокатска канцеларија во Тиелт, Западна Фландрија. Според белгискиот адвокат, Пуџдемон сè уште не одлучил дали ќе побара азил во Белгија.

„Сè уште не сме одлучиле. Имаме многу време да одлучиме. Во следните недели ќе видиме што ќе правиме. Јас сум негов адвокат доколку му треба мојата помош. Во овој момент нема одредени документи што ги подготвувам за него“, изјави Бекерт.

Адвокатот Пол Бекерт во 70-тите години на минатиот век често патувал во Баскија, Северна Ирска и Палестина, каде што ги застапувал правата на многу тамошни граѓани и бунтовници, меѓу кои и на повеќе баратели на азил во Белгија.

Тој вели дека неговото адвокатско искуство во областа на заштитата на човековите права, постапките за екстрадиција и азил би можело да биде корисно за случајот со каталонските лидери.

„Ја знам шпанската реакција многу добро. Ги знам нивната психологија и нивниот менталитет“, нагласува Бекерт, обвинувајќи го Мадрид за злоупотреба на судските процеси во врска со Каталонија за политички цели.

Карлес Пуџдемон замина во Белгија истиот ден кога шпанското Обвинителство објави дека ќе поднесе обвинение против каталонските лидери, поради поттикнување на бунт и кривични дела против уставниот поредок.

Белгија им дозволува азил на граѓани од други европски држави, но, како што пренесуваат медиумите, во минатото имало и случаи баскиски сепаратисти да не биле екстрадирани во Шпанија додека барале азил.

Белгискиот министер за имиграција Тео Франкен, за време на викендот, рече дека барањето за азил не е нереално, но премиерот Шарл Мишел подоцна рече дека тоа апсолутно не е во план.

M.В