Берлускони осуден на седум години затвор за „Рубигејт“

Понеделник, 24 јуни 2013 – Аферата „Рубигејт“ му донесе 7 години затвор на поранешниот премиер на Италија, Силвио Берлускони. Според одлуката на Судот во Милано која беше донесена денеска, на Берлускони исто така му се забранува вршење државни функции.

Во рамки на „случајот Руби“, наречен по младата Мароканка Карими ел-Маруг – Руби, 76-годишниот Берлускони беше обвинет за вмешаност во малолетничка проституција за време на т.н. „бунга-бунга“ забави во неговата вила и за злоупотреба на службената должност при обидот за нивно прикривање.

Поранешниот италијански премиер е обвинуван дека бил во врска со младата Мароканка додека таа се уште била малолетна, за што добивала подароци и готовина. И тој и Руби негираат дека имале сексуални односи.

Судскиот процес започна во април 2011 година, а до стапувањето во сила има уште две жалбени нивоа за пресудата – Апелациониот и Врховниот суд.  Адвокатот на експремиерот виеднаш по излегувањето од судница најави жалба.

Според Берлускони, против кого неодамна од Апелациониот суд беше потврдена четиригодишната затворска казна за затајување на данок,   се работи за уште еден политички монтиран процес.