/ Прочитано:

1.008

БЕСЕДНИШТВОТО НИШАНИ НА ВИСОКИ ЦЕЛИ: Ораторската вечер, годинава, и со пренос во живо

Во својата култивирана форма, добриот говор се потпира на повеќе носечки столбови: обмисленост, целисходност, правилност, точност, хармоничност, динамичност, убедливост итн. Во секојдневната практика не можеме постојано да сведочиме за говори скроени по сите мерки зададени во книгите. Подробностите од оваа проблематика студиозно се разложуваат и се обработуваат во Клубот на оратори при Правниот факултет во Скопје. Кој колку научил ќе се покаже вечер, почнувајќи од 18.00 часот, на осумнаесеттата Ораторска вечер „Иво Пухан“. Вкупно четиринаесет кандидати ќе влезат во изборот за најдобар беседник и ќе испратат пораки. Новините во овогодишното збиднување ни’ ги најавува Борјан Топуковски, претседател на Клубот.

Во својата култивирана форма, добриот говор се потпира на повеќе носечки столбови: во колкава мера е обмислен и целисходен; дали е правилен и разбирлив; какви се неговата хармоничност и неговата динамика; дали е убедлив итн. Во секојдневната работна практика не може постојано да се сведочи за говори скроени според сите мерки зададени во книгите. Формата на говорот може и да не биде високо култивирана, но ако со него јасно се пренесе обмислената порака, неговата основна комуникативна функција се остварила во целост. Степенот на култивираност, којшто ја опфаќа меѓу другото и употребата на стилски фигури, останува прашање на свеста на поединецот.

Добриот говор мора да го следи добра мисла. Ако говорот не е добро обмислен и ако има неповрзани подробности во резонирањето, демне опасноста од нарушување на неговата полна линија. Слично е и со неговата целисходност: говорот мора да има своја цел. Така, ако говорникот не ја познава својата целна група и не се прилагоди на нејзиното рамниште, публиката не ќе биде во состојба да ја разбере неговата порака.  Уште поболна точка е неговата правилност: говорот мора да ги почитува нормите на стандардниот јазик прифатени за широка употреба. Тоа значи дека граматиката и правописот треба секогаш да одат рака под рака низ целиот тек на излагањето.

Борјан Топуковски, претседател на Клубот на оратори, најавува низа новини за овогодишната Ораторска вечер „Иво Пухан“: „На осумнаесеттата ораторска вечер, за разлика од последните неколку години, ќе имаме неколку новини. Оваа година, ораторите имаа можност да одберат дали ќе настапат со говор на слободна тема или, пак, ќе одберат една од трите стручни зададени теми: „Правото како вештина на доброто и правичното“, „Медиумите и спинувањето“ и „Политичка култура“. Радува фактот што повеќето од кандидатите одбраа да говорат на некоја од овие зададени теми: тоа покажува дека организациониот одбор на ораторската вечер успеа да ги препознае актуелните теми и прашањата што ги засегаат младите оратори. Годинава имавме преку четириесет пријавени кандидати, а жири-комисијата ги одбра четиринаесетмината највпечатливи. Сите нив ќе можеме да ги чуеме денеска, од 18.00 часот, на Правниот факултет. Од година на година, покрај ораторската способност, созреваат и пораките кои ораторите ѝ ги испраќаат на публиката. Без никаков сомнеж би можел да кажам дека оваа година ќе чуеме квалитетни, содржајни говори, со подлабока порака, која, се надевам, ќе допре до пошироката јавност. Уште еден куриозитет врзан за овогодишната ораторска вечер е и директниот пренос на интернет од самиот настан: оние што не се во можност да присуствуваат, преку линкот поставен на страницата на Клубот на оратори можат да го следат настанот во живо“, потцртува Топуковски.

Покровител на манифестацијата е „Еуролинк осигурување“, која ги обезбеди главните награди за најуспешните оратори. Покрај споменатите, годинава ќе бидат доделени уште две признанија: наградата „Бранко Ѓорчев“ за најдобар ораторски настап,  во чест на актерот кој долги години беше дел од тимот што работеше со говорниците, како и стипендија за учество на еден од најголемите европски ораторски форуми во Алпбах, Австрија.

Ова особено важи за правоговорот. Говорната норма подразбира јасен изговор на зборовите, и тоа со широко отворање и активно движење на усните. На овој начин ќе се избегне придушување на крајните слогови или последните зборови во една реченична низа. Не се препорачува акцентирање на зборовите како посебни единици, ами како групи сродни по смисла, каков што е случајот со акцентските целости во македонскиот јазик. Така, на пример, кај нас мошне тешко се искоренува навиката од провинцијално изговарање на нормираната лексика која се учи во академската средина. Ова се однесува особено на нехигиенскиот изговор од скопската околина. Ако стандардот не се почитува и се употребуваат дијалектизми, мошне веројатно е дека пораката нема да биде сфатена.

Точноста и разбирливоста се надоврзуваат со неколку клучни моменти: настојчивоста за точно употребување на зборовите, најчесто според дадениот контекст, треба да се задржи во текот на целиот говор. Ако не се знае кои синоними можат најдобро да пренесат одреден поим, може дојде до крупно недоразбирање. Дотолку повеќе, точноста ја обусловува јасноста. Говорникот мора да има јасен преглед врз содржината на своето излагање за да може јасно да ја пренесе својата порака. Со тоа ќе избегне двосмислености и повеќезначни варијации кои можат да ја збунат публиката и да ја остават занемена.

Динамиката на говорот ги обединува во себе темпото, ритамот, паузите, нијансирањето, акцентирањето итн. Слушателите посредно очекуваат динамичност и живост во говорот, зашто инаку нивното внимание може брзо да се разводни. Хармоничноста, пак, од говорникот бара изострено чувство за јазикот и може да се оствари откако ќе се исполнат другите јазични стандарди. Така, говорникот треба со полна свест наизменично да употребува куси и долги реченици, подредувајќи ги во складни низи, со што ќе си овозможи течен проток на мислите и добра интонација. Најпосле, преку складниот хармонично-динамичен тек на говорот треба да се стигне до неговата функција на убедување, чија основа е втемелена во јасно изнесени вистини. Говорникот, едноставно, треба да верува во своите искази и да вложува усилби – со своето внатрешно чувство да влее верба во публиката за она што го зборува.


Автор: Далибор Стајиќ

Објавено: 09.12.2014