Бесплатна правна помош ќе даваат и правните клиники на правните факултети

Во новиот Закон за бесплатна правна помош се предвидени примарна и секундарна правна помош. Примарната правна помош е вид на бесплатна правна помош која се обезбедува од страна на Министерството за правда, од овластеното здружение и од правната клиника.

Секундарната правна помош е облик на бесплатна правна помош која се обезбедува од страна на адвокат запишан во Регистарот на адвокати за секундарна правна помош.

Во Законот се пропишува и дека примарна правна помош ќе даваат и правните клиники на правните факултети. Примарната правна помош ја дава правната клиника во согласност со програма за едукација, донесена од страна на правниот факултет, а со цел реализација на практична настава на студентите на правниот факултет.

„При давањето на примарната правна помош, правната клиника соработува со адвокатите запишани во Регистарот на адвокати, како и со Адвокатска комора на Република Северна Македонија“, се пропишува во Законот.

„Почнувајќи од денес, правните факултети на првите седум рангирани универзитети може да поднесуваат барања за регистрација на правните клиники. Со тоа даваме можност да се воспостави двојна корист – бесплатна правна помош на оние на кои им е потребна и можност за практична настава за студентите на факултетите кои од студентските клупи ќе го учат правничкиот занает и кои, секако, ќе бидат менторирани“, вели министерката Дескоска во врска со оваа новина во Законот.

Според Законот, право на примарна правна помош имаат сите физички лица кои имаат живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Северна Македонија. Примарната правна помош опфаќа:

– иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош,

– општа правна информација,

– општ правен совет,

– помош при комплетирање на барањето за секундарна правна помош,

– помош при пополнување на формулари, обрасци издадени од управен орган во управна постапка за социјална заштита и заштита на правата на децата; пензиско, инвалидско и здравствено осигурување; заштита на жртви на родово базирано насилство и семејно насилство; постапка за упис во матична книга на родени; стекнување со документи за лична идентификација и државјанство,

– составување на претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител и барања за заштита на слободи и права до Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Министерство за правда: Граѓаните добиваат бесплатна правна помош и еднаков пристап до правда

Стапува во примена новиот Закон за бесплатна правна помош

Прописи чиишто одредби стапуваат во примена или престануваат да важат во месец октомври 2019 година

Новиот Закон за бесплатна правна помош е успех за граѓанските организации вклучени во неговото креирање

Нов Закон за бесплатна правна помош за еднаков пристап до правдата

Министерството за правда најавува Предлог- закон за бесплатна правна помош

МЗМП: Во Собранието на РМ на иницијатива на неколку граѓански организации се одржа јавна расправа за Предлог – законот за бесплатна  правна помош

АКРМ: По реакциите на Адвокатската комора, Предлог-законот за бесплатна правна помош се враќа на доработка во Министерството за правда

М.В