Бесправно изградени објекти според Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти
Собранието го донесе Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Со овој закон се уредуваaт начинот, постапката и условите за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти.
„Под бесправно изградени објекти во смисла на овој закон се подразбираат објекти од значење за Републиката и објекти од локално значење, согласно со Законот за градење и друг закон, кои се изградени без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење или кои се пренаменети без одобрение за пренамена, како и делови (доградби и надградби) на објектите од значење за Републиката и на објектите од локално значење, кои се изградени без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење, во и надвор од плански опфат
Под објекти од локално значење во смисла на овој закон се подразбираат и помошни градби (гаража, остава) кои се во функција на објект за домување или друг вид на објект, базени на ниво на терен за индивидуална употреба (градби за кои согласно Законот за градење градоначалникот на единицата на локална самоуправа издава решение за изведување на градбатa), времени објекти наменети за домување како и објекти за примарна обработка на земјоделски производи (освен настрешници и објекти за времено сместување) согласно Законот за земјоделско земјиште кои се изградени на градежно земјиште.
Предмет на овој закон се бесправните објекти кои се изградени до влегувањето во сила на овој закон и претставуваат градежна и функционална целина.
Доколку одредени делови, односно нивоа од бесправниот објект не се функционална целина, тие делови не се предмет на утврдување на правен статус и за истите може да се води постапка за добивање одобрение за градење согласно Законот за градење, ако по извршеното вклопување на делот од објектот за кој е донесено решение за утврдување на правен статус се предвидуваат услови за идна градба.
По исклучок предмет на овој закон се и бесправните објекти чија изградба претставува јавен интерес утврден со закон, чии владетели се државни органи или единици на локална самоуправа или правни субјекти основани од Република Северна Македонија или правни субјекти основани од единиците на локална самоуправа, кои претставуваат градежна целина, а не и функционална целина до влегувањето во сила на овој закон.
Под утврдување на правен статус на бесправен објект се подразбира запишување на бесправниот објект во Катастарот на недвижности и вклопување на истиот во планската документација, односно само запишување на бесправниот објект изграден на земјиште на кое согласно важечката планска документација е предвидена изградба на сообраќајна инфраструктура, како и на бесправните електронски комуникациски мрежи и средства, во Катастарот на недвижности.
Градежна и функционална целина во смисла на овој закон претставуваат објекти кај кои на најмалку едно ниво од објектот се изведени градежните и градежно-занаетчиските работи во целост (со или без поставени прозорци), со поставени внатрешни инсталации и истото може да се употребува.
Градежна, а не и функционална целина во смисла на овој закон претставуваат објекти кај кои се изведени градежните работи во целост, а не се изведени градежно-занаетчиските работи и не се поставени внатрешните инсталации.
Времен објект во смисла на овој закон претставува монтажно-демонтажен објект или објект за кој е донесен управен акт за негово поставување како објект од времен карактер.
Под планска документација во смисла на овој закон се подразбираат урбанистички планови и другите видови на плански документации утврдени со прописите за урбанистичко планирање.
Под сообраќајна инфраструктура во смисла на овој закон се подразбира примарна и секундарна мрежа на улици, утврдени согласно Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
Под правни субјекти и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија се подразбираат правни субјекти и јавни претпријатија основани од Собранието на Република Северна Македонија и од Владата на Република Северна Македонија.
Кабелска канализација во смисла на овој закон претставува дел од физичка инфраструктура која се состои од мрежа на подземни канали или цевки од соодветен материјал, кабелски шахти и кабелски галерии, која служи за поставување и заштита на електронски комуникациски кабли, утврдени согласно Законот за електронски комуникации и подзаконските акти донесени согласно истиот закон.
Одредбите на овој закон не се применуваат за:
сите видови на бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот Регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на светското природно и културно наследство на Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на Обединетите нации во рамките на Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура (Конвенцијата на УНЕСКО), кои граници се утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, за кои во Студиите за оцена на влијанијата врз животната средина и Студиите за оцена на влијанија врз културното наследство, кои се спроведуваат согласно препораката број 9 од Извештајот за реактивната мониторинг мисија од април 2017 година на Центарот на светското наследство (ИКОМОС/ИУЦН) е утврдено дека ќе ги загрозат исклучителните универзални вредности на доброто утврдени во Изјавата за исклучителни вредности на страните на Конвенцијата на УНЕСКО од Триесет и деветтата сесија на Центарот на светското наследство и бесправни објекти со намена А2 (домување во станбени згради) и бесправни делови (доградби и надградби) на објекти со наведената намена“, се пропишува во Законот.
Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти на собраниска седница
Се продолжува рокот на важење на Законот за постапување со бесправно изградени објекти
М.В