/ Прочитано:

4.969

„Без бескрајната љубов кон правото и кон адвокатурата невозможно е да се издржат сите притисоци“ – Петар Трајковски, адвокат

За љубовта кон правото разговараме со адвокатот Петар Трајковски.

Како се јави кај вас љубовта за правото?

Љубовта кон правото кај мене не се појави од никаде, таа едноставно се роди со мене. Растевме заедно и уживаме до ден денес. Од првиот ден од кога се осознав себе си сакав да бидам адвокат. Веднаш штом завршив средно, уште пред да ме примат на факултет, доаѓав во Судската палата и ги молев судиите да ме пуштат, а адвокатите да ме внесат во судница за да ги следам судењата, доколку некој судија не сакаше да ме пушти во судница.

Во адвокатурата влегов директно од клупа. Големата желба што побрзо да отворам своја канцеларија и да почнам да работам ме натера да полагам правосуден испит во Белград, каде што беше потребно стажирање само една година, наспроти задолжителни две години во Скопје.

Но шок, само по 10 дена откако ја отворив канцеларијата, почина татко ми и до денес ме боли што барем еднаш не влезе во канцеларија да види барем каде сум и каде ќе работам. Се осетив како да сум сам на светот, на отворено море без компас, но бев решен да издржам. Дење работев адвокатура, навечер келнер во скопските кафулиња и кафеани. Во адвокатурата немаше редовни и сигурни приходи и некако морав да најдам начин да го премостам тој период по кој ќе можам да се издржувам себе си и семејството само од адвокатура… Бев сигурен дека ќе дојде денот, дека сигурно ќе успеам.

И така, полека, полека, од година во година, подеми, падови, годинава мојата адвокатска канцеларија стаса до јубилеј – 30 години постоење од основањето во далечната 1990…

Дали е важна љубовта кон правото за да се биде добар правник и зошто?

Љубовта кон правото… Јас ќе одговорам за љубовта кон правото од аспект на адвокатурата бидејќи само неа ја познавам лично.

Во општествените услови во кои живееме адвокатурата е ужасно стресна професија, со апсолутно недефинирани правила на игра, нешто што е логична последица од руинираниот правосуден систем сите овие години откако сме самостојна држава. Споредба со минатото можам да направам бидејќи фатив и од периодот на заедничката ни држава, и со жалење можам да констатирам дека и од аспект на стручноста и од аспект на моралот, етиката, човечноста работите се сега многу полоши. За да може човек во овие услови да издржи и да го одржи професионалниот однос и да ја пружи правната помош кон клиентот која овој од него ја очекува и ја заслужува, неопходно е многу, бескрајно многу да се сака правото и адвокатурата како професија. Без таа бескрајна и безрезервна љубов кон правото и кон адвокатурата мислам дека е неможно да се издржат сите притисоци, неправди, незаинтересираност и нестручност на одредени судии. Многу тешко би се издржале и ситуациите кога е јасно дека во одредени предмети се вмешале моќници, политичари, роднини, пријатели и разни влијателни фактори.

Но освен силата што ја дава љубовта кон правото – да се преброди овој темен дел на македонското правно живеење, љубовта кон правото има и конструктивна страна – желбата и енергијата за себенадградување и за постојано учење и усовршување што ги ја раѓа таа.

Златно правило во мојата адвокатска канцеларија за мене лично, но и за сите мои вработени е дека секој ден, ама буквално секој ден без исклучок МОРА ДА СЕ ОТВОРИ ЛИТЕРАТУРА И ДА СЕ НАУЧИ НЕШТО НОВО, нешто што можеби во моментот ти изгледа непотребно, но не знаеш кога ќе ти затреба да го употребиш во интерес на некој клиент. А клиентот е, нели, светиња и заслужува максимум квалитет и внимание.

Но не можам да не спомнам дека во материјата за која е специјализирана мојата адвокатска канцеларија, а тоа е ТРГОВСКОТО ПРАВО, понекогаш е попусто себеусовршувањето и учењето нови работи. Овој дел од правото едноставно не заживеа во нашето правосудство, голем дел колеги го работат „по осет“, по аналогија на слични области од правото. Несфатливо е како може едно општество да помине од социјализам (САМОУПРАВНО ЗДРУЖЕН ТРУД) во капитализам (ТРГОВСКО ПРАВО), а ниту судии, ниту адвокати, ниту обвинители да не положат ниту еден испит, барем курс да завршат за ТРГОВСКО ПРАВО. А тоа е, нели, темелот за странски инвестиции, за домашен стопански напредок, едноставно за развој на општеството. НЕСФАТЛИВО, но јас и моите во канцеларијата ќе продолжиме да се едуцираме, ќе се трудиме да ги пренесеме знаењата и да поттикнеме размислување и користење домашна и странска литература при правораздавањето.

Во таа насока, кои се вашите совети за идните генерации правници?

Како совет за младите сегашни и идни генерации правници ќе се обидам да го сублимирам претходнонаведеното:

Не дозволувајте да помине ниту еден единствен ден без да научите нешто ново. Прочитајте закон, судска пракса, стручна литература, НЕ ЗНАЕТЕ КОГА ЌЕ ВИ ЗАТРЕБА…

Прочитајте си ги старите свои поднесоци и споредете ги со вашите сегашни, изненадете се од разликата, сетете се колку тогаш сте мислеле дека сте во право и дека само судот греши, осврнете се критички кон себе си и своето работење и успехот нема да изостане.

И секако, борете се против неправдите во правосудството бидејќи тука треба да продолжите да работите и да живеете.

ГО САКАМ ПРАВОТО И УЖИВАМ ВО АДВОКАТУРАТА ПА КОЛКУ И ДА Е ТАА СТРЕСНА.

Февруари во Академик