„Бидете правници со интегритет!“ – Александра Груевска-Дракулевски, професор и продекан за настава на „Јустинијан Први“
За љубовта кон правото разговараме со д-р Александра Груевска-Дракулевски, редовен професор и продекан за настава на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Како се јави кај вас љубовта кон правото?
Далечната 1996 година се запишав на Правниот факултет во Скопје. Оттогаш, со секоја прочитана книга, со секој положен испит бев сѐ посигурна дека сум го направила вистинскиот избор. Знаете зошто? Затоа што со правото се уредува секој аспект на општественото живеење. Учејќи право ги знаеме нашите права и должности. Познавањето на правото ни овозможува цврсто да ги браниме ставовите и да тврдиме дека имаме права во секојдневното живеење. Познавањето на правото ни овозможува да ги знаеме последиците доколку направиме нешто спротивно на законот и што е најважно, познавањето на правото ни овозможува да им помагаме на луѓето, да им даваме совети како да се справат со одредена ситуација. Конечно, да ви одговорам на прашањето, љубовта кон правото ми се јави учејќи право. И, независно од одредени разочарувања предизвикани од поединци кои фрлаат дамка на правниот систем во нашата држава, љубовта кон правото е уште посилна бидејќи „тркалата на правдата се вртат бавно, но мелат премногу фино“.
Дали е важна љубовта кон правото за да се биде добар правник и зошто?
За секоја професија важи правилото дека човек треба да ја работи својата работа со љубов. Но, тоа секако не е пресудно. Да се биде добар правник подразбира солидно теоретско образование и практично искуство. Добриот правник треба да има добри комуникациски вештини. Тоа подразбира добри вештини за пишана комуникација, за јавно говорење, но и да се биде добар слушател. Добриот правник треба да биде иновативен, креативен, упорен, постојано да го надградува своето знаење, но пред сѐ добриот правник треба да биде човек со интегритет. Добриот правник треба да биде чесен и одговорен, да ја сака правдата, правичноста и никогаш да не дозволи правото да отстапи пред неправото. Дали јас го сакам правото и зошто? Да, го сакам правото затоа што ми овозможува да бидам истовремено професор и студент. Секојдневно во мојата работа пренесувам знаење на моите студенти, но истовремено секој ден учам нешто ново. „Колку повеќе учам, толку повеќе сфаќам колку не знам“. Како што знае да каже мој драг професор, ние професорите сме вечни студенти, постојано читаме, учиме, се надградуваме.
Во таа насока, кои се вашите совети за идните генерации правници?
Студирајте право на најдобриот правен факултет во државата – Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Утре бидете двигателот на вистинските реформи во нашата држава бидејќи „образованието е најмоќното оружје што можете да го користите за промена на светот“. Користете ги студиите за да го извлечете максимумот од професорите бидејќи имаат многу што да ве научат. По завршување на студиите, учете од врвни практичари правници и никогаш не оддалечувајте се од законот и од правдата бидејќи „во најдобар случај, човекот е најблагородниот од сите животни; одвоен од законот и правдата тој е најлош“. Бидете правници со интегритет!
- „Од дете се бунтувам за правда“ – Маја Ристова, адвокат
- „Правниците отсекогаш биле носители на интелектуалните движења и промени“ – Иван Дургутов, магистер по право
- „Правото има метафизичка димензија која треба да се почувствува“ – Дарко Павловски, национален правен офицер во Мисијата на ОБСЕ во Скопје
- „Правото, а особено адвокатурата е креативна професија за оние кои го сакаат и го владеат правото“ – Кристијан Поленак, адвокат
- „Бидете правници со интегритет!“ – Александра Груевска-Дракулевски, професор и продекан за настава на „Јустинијан Први“
- Силјановска: Мојата љубов кон правото беше сократовска
- Уранија Пировска: „Љубовта кон правото е љубов кон правдата“
- „Никогаш не предавајте се затоа што промената почнува од вас самите“ – Дитурие Елези-Незири, судијка во Управниот суд
- „Сите знаења на правниците треба да бидат употребени за подобрување на правната држава“ – Андреј Божиновски, правен советник
- „Ако правото е љубов, адвокатурата е страст“ – Петро Јанура, адвокат
- „Без бескрајната љубов кон правото и кон адвокатурата невозможно е да се издржат сите притисоци“ – Петар Трајковски, адвокат
- „Љубовта кон правото нѐ прави истрајни дека правото ќе надвладее“ – Рамије Абдурахими-Цара, судијка во Управниот суд
- „Неуморно верувам во правото и правдата“ – Росица Ефтимовска, менаџер за правни обуки во Академик
- Интервју за љубовта кон правото со тимот адвокати од „Георги Димитров адвокати“
- Наташа Габер-Дамјановска за љубовта кон правото: Привлечност на предизвикот да се изнајде адекватно правно решение