/ Прочитано:

1.679

Билатерален скрининг за Поглавјето 24 „Правда, слобода и безбедност“

Денеска во Брисел ќе се отвори тридневниот билатерален скрининг за Поглавјето 24, „Правда, слобода и безбедност“.

Надлежна институција за ова поглавје е Министерството за внатрешни работи, а македонскиот преговарачки тим е составен од претставниците на Работната група кои доаѓаат од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, Министерството за здравство, Јавното обвинителство, Народната банка, Управата за финансиско разузнавање и Секретаријатот за европски прашања.

Во врска со Поглавјето 24, во Извештајот на Европската комисија се посочува дека ЕУ има заеднички правила за гранична контрола, визи, дозволи за престој и работа, надворешна миграција и азил.

Шенген-соработката наложува укинување на граничните контроли внатре во ЕУ. Земјите членки, исто така, соработуваат со Северна Македонија во борбата против организираниот криминал и тероризмот и за судски, полициски и царински прашања, сите со поддршка од агенциите на ЕУ за правда и внатрешни работи.

 

Борбата против тероризмот треба да продолжи

Според Извештајот, Северна Македонија е умерено подготвена за спроведување на правото на ЕУ.

Постигнат е одреден напредок во ова поглавје и во земањето предвид на минатогодишните препораки, главно со спроведувањето на Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, како и донесувањето стратегиски документи во областа на граничното управување и миграцијата.

Мерките за борба против насилниот екстремизам и борба против тероризмот треба да продолжат.

Евидентирањето на мигрантите треба да се врши систематски и треба да се подобри профилирањето чувствително на заштита. Земјата треба да воспостави соодветен систем за контрола на нерегуларното движење на луѓе и да ја прекине практиката на враќање мигранти надвор од законската рамка.

„Соработката со агенциите за спроведување на законот на ЕУ останува добра, а назначен е и обвинител за врска во ЕВРОПРАВДА. Бидејќи е постигнат само делумен напредок во однос на минатогодишните препораки, овие остануваат валидни“, се вели во Извештајот.

Во таа насока, Европската комисија истакнува дека обвинителот за врска со ЕВРОПРАВДА ги олеснил тековните истраги за сериозен, прекуграничен, организиран криминал, тероризам, со оглед на зголемениот број случаи поврзани со Западен Балкан. Напредокот беше ограничен во однос на правната рамка за соработка во граѓански и кривични предмети.

Во следната година, се нагласува во Извештајот,  земјата, особено, треба:

  • да продолжи со проактивно спроведување на институционалните реформи во структурите за борба против организиран криминал, со фокус на зголемување на оперативниот капацитет и соработка;
  • да продолжи да го спроведува Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, со фокус на спречување на екстремизмот, реинтеграција на поранешни странски терористички борци и дерадикализација во затворите;
  • систематски да ги евидентира мигрантите и да го подобри профилирањето чувствително на заштита, како и да донесе посистематски пристап во борбата против криумчарењето мигранти; да го усогласи националното законодавство со списокот на ЕУ за трети земји за кои е потребна виза.

 

Мора да се работи повеќе во борбата против организираниот криминал

Во Извештајот се нотира дека Северна Македонија има одредено ниво на подготвеност во борбата против организираниот криминал.

Постигнат е одреден напредок во оперативната соработка со меѓународните партнери, како и во подобрувањето на координацијата на дејствата против организираниот криминал, но мора да се работи повеќе за да се подобри ефикасноста при спроведување на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перењето пари и финансискиот криминал.

Истражните центри во рамките на Основното јавно обвинителство треба да се зајакнат за да ги постигнат своите цели за зголемување на ефикасноста на истрагите и подобрување на координацијата меѓу обвинителите, полицијата и другите релевантни органи.

Во следната година, се вели во Извештајот, земјата, особено, треба дополнително да ја подобри својата евиденција на истраги, кривично гонење и осудување на случаите на организиран криминал и перење пари, со фокус на конфискација на приносите од криминал.

Исто така, потребно е да го донесе и да го спроведе неопходното законодавство за одземање имот и да го подготви неопходното законодавство за сајбер безбедност и да воспостави координиран и унифициран систем за справување со сајбер криминал.