/ Прочитано:

4.906

Во првиот број се oбработени 21 пресуда на ЕСЧП

Билтен за судската практика на Европскиот суд за човекови права

Бирото за застапување на РМ пред Европскиот суд за човекови права го објави интернет изданието од првиот број на Билтенот посветен на судската практика на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Bilten

Во првиот број на Билтенот се обработени 21 пресуда,  кои главно допираат прашања по членовите 2, 3, 5, 6, 8, 10, 11, член 1 од Протоколот број 1 и член 4 од Протоколот број 7 од ЕКЧП. Три пресуди се против Република Македонија, седумнаесет пресуди се  против други држави и една пресуда е против Република Бугарија.

„Европската конвенција за човекови права се разви во значаен инструмент за заштита на правата во државите-членки на Советот на Европа. Како резултат на тоа, судската пракса на Европскиот суд за човекови права се претвори во важна насока за заедничкиот стремеж на сите држави членки на Советот на Европа за избегнување на повреди на човековите права. Пресудите на Судот во Стразбур се донесени во поединечни случаи што се однесуваат на определени држави. Истовремено тие демонстрираат и начела кои треба да ги почитуваат сите држави-членки на Советот на Европа. Во случајов под „држави“ не се подразбираат само владите, туку и сите што работат во различните државни органи, а тоа пред сè се однесува на различните управи и на судиите во сите државни судови. Токму за нив пресудите на ЕСЧП се значаен ориентир. Од една страна тие пoмагаат при толкувањето на националните прописи, а од друга страна обврска на националните судови е да ги познаваат и да ги почитуваат пресудите на Судот од Стразбур“, се вели во предговорот.

Билтенот, кој ќе излегува на 6 месеци, се издава во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка.

Од Бирото истакнуваат дека за идните броеви читателите ќе бидат најсрдечно поканети да достават и свои придонеси во вид на научни придонеси на теми во врска со ЕКЧП, коментари на пресуди на ЕСЧП, но и извештаи за одржани настани на теми од областа на човековите права или прикази на публикации на вакви теми.

>> Билтен за судската практика на Европскиот суд за човекови права