/ Прочитано:

2.249

Бирократијата е пречка жртвите на семејно насилство да добијат заштита

На денешниот настан, во организација на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и НВО „Една може“, посветен на темата „Жени жртви на семејно насилство – потенцијални бездомнички“, адвокатката Марта Гусар, споделувајќи ги своите искуства како адвокат во врска со предметите што се однесуваат на жените кои поминале низ семејно насилство, истакна дека за борба против семејното насилство потребни се вистински применливи закони.

akad 4

„Многу работи треба да се преземат во поглед на подобрувањето на состојбата на жените жртви на семејното насилство, особено во контекст на законодавството и судството. За доследна борба против семејното насилство, потребно е донесувањето на законите да не биде врз основа на прирачници и теоретски нагодувања, туку напротив, како тој закон ќе биде применлив и како навистина ќе им овозможи помош на овие жени. Досега се донесени огромен број мерки, а само дел од нив можат да се спроведат во пракса. Имено, жртвата пред сè е потребно да има континуирана комуникација со социјален работник, со психолог (по потреба и со психијатар), да биде издвоена од сторителот на семејното насилство, и секако да биде во континуирана комуникација и поддршка од страна на адвокат. Многу често се случува додека не им се даде на жртвите верба во правниот систем и верба во можноста дека навистина имаат свои права кои можат да ги остварат, да не преземат чекори да се тргнат од околината во која се наоѓаат. И она што е најважно, сите институции и надежни органи навистина треба да се обучени за работа со овие жени, да не постои работно време кога некоја жртва ќе побара помош, а и институциите да се усогласени со својата работа“, истакнува Гусар, која го акцентираше и значењето од вклученоста на адвокатурата во соработката со граѓанските организации.

Во таа насока, адвокатката Марта Гусар подвлекува дека се потребни чекори во насока на преземање на дејствија за намалување на трошоците за судски такси, кои се основа за отпочнување на судска постапка за остварување на правата на жената. Жртвите кои се во тешка финансиска состојба, вели адвокатката, немаат начин да преземат дејствија да побараат правна помош за иницирање на судска постапка, ако се земе предвид фактот дека судските такси се високи за оваа категорија лица.

„Потребно е организациите да обезбедат буџет за овие жртви и секако тоа да биде без бирократски елемент за одобрување на таа парична помош во поглед на намирување на вредноста на судската такса за отпочнување на судска постапка. И тоа нагласувам, само за судска такса“, смета адвокатката.

„Привременото згрижување и советување нема да доведе до позитивен резултат доколку жртвата не преземе дејствија за развод на бракот, за остварување на своето право на имотот, како и сите останати права во согласност со закон, а сè тоа поради непостоење на финансиска поддршка. Во таков случај жртвата секогаш, буквално секогаш се враќа кај сторителот со исказ дека не може да си го дозволи тоа, па нема друг избор“, додава Гусар.

Нема да има никаков напредок, нагласува адвокатката, сè додека жртвите наидуваат на проблеми од институционален карактер, бирократија, за да стигнат до заштитата. Сензитивноста на материјата, потенцира адвокатката во таа насока, не дозволува бирократски елемент, туку брза реакција, секојдневна комуникација и секојдневно советување на жртвите и континуирана правна заштита.

„Правната заштита е најголемиот проблем во моментов затоа што не само што не се бара, туку се смета дека не е потребна, без притоа да се земат предвид тие мали финеси кои впрочем се најважни за жртвата да не се доведе во ситуација дека и покрај советувањето и привременото згрижување ќе остане на улица незаштитена или, во најлош случај, ќе се врати кај сторителот, што е најчест случај“, резимира адвокатката Марта Гусар.

ИНСТИТУЦИИТЕ ЗАТАЈУВААТ: Жените жртви на семејно насилство и самохраните мајки се соочуваат со бездомништво

М.В