/ Прочитано:

1.989

Бирото за јавни набавки ќе врши контрола на ризиците од корупција при јавните набавки

Денеска Министерството за финансии го промовираше проектот на Бирото за јавни набавки и Светската банка: Зајакнување на транспарентноста и намалување на ризикот од корупција во јавните набавки.

Сигнализирање ризик од корупција, надградба на Електронскиот систем за јавни набавки и јакнење на капацитетот на Бирото за јавни набавки се трите успешно имплементирани активности преку заедничкиот проект на БЈН и Светската банка „Зајакнување на праксата на јавни набавки“.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, вели дека овој проект и новиот Закон за јавни набавки ќе придонесат за унапредување на целиот систем за јавни набавки.

„Новата управна контрола што ќе ја врши Бирото за јавни набавки во голема мера ќе се потпира на системот за процена на ризик, кој директно произлегува од главната активност на проектот за генерирање индикатори на успешност и ризици, кои во праксата се познати како „црвени знаменца“. Исто така, се имплементираа модули за електронска жалба и електронска архива, кои се предвидени како решенија во новиот закон и кои треба значително да ја олеснат неговата примена во овие сегменти кои покажуваа одредени слабости во досегашната практика“, истакна Тевдовски.

Според податоците, во Македонија минатата година вредноста на склучените договори изнесувала 38,2 милијарди денари, што е 6,2 проценти од БДП. Во светски рамки, на пример во ЕУ, јавните набавки се еднакви на БДП на Франција, или приближно еднакви на светската продажба на автомобили. Ова  е само уште една потврда за важноста на јавните набавки за една економија.

„Одговорното работење, транспарентноста и ефикасноста во управувањето со јавните финансии се основните начела на кои се потпира нашето работење. Притоа, реформата на системот на јавни набавки е несомнено еден од главните приоритети. Јавните набавки се една од клучните алатки во економските политики на една влада и веројатно се највидливиот сигнал за доброто управување со јавните финансии“, истакна Тевдовски.

Директорот на Канцеларијата на Светската банка во Македонија, Марко Мантованели, оцени дека „црвените знаменца“ ќе го поддржат следењето на системот и ќе алармираат во текот на обработката, што ќе придонесе за зголемување на транспарентноста.

„Програмата не беше огромна, но беше насочена кон клучните функционалности и го пренесе системот за електронски јавни набавки на наредното ниво“, рече Мантованели и изрази отвореност за натамошна соработка во исполнувањето на оваа агенда.

Директорот за јавни набавки, Бардул Насуфи, објаснувајќи ги бенефициите од имплементацијата на проектот, рече дека сега сите проекти финансирани од меѓународни организации можат да се објавуваат на Електронскиот систем. Ова претставува одлична можност без дополнителни трошоци да се публикуваат  тендерите онаму каде што е најкорисно и каде што секоја заинтересирана фирма ќе ја види можноста што ја има за учество.

„Се олесни и регистрацијата на странските економски оператори на Електронскиот систем. Имплементиравме плаќање на надоместокот со кредитна картичка, што  ја прави регистрацијата брза и поевтина бидејќи банкарските трошоци се далеку пониски“, појасни тој.

Проектот „Зајакнување на праксата на јавни набавки“ е финансиран од Фондот за грант средства за зајакнување на финансиската отчетност, со кој управува Светската банка. Главен финансиер на проектот е Европската комисија. Неговата цел е да се подобри управувањето со јавните финансии во регионот на Европа и Централна Азија.

М.В