Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП за пресудата на Стразбур за новинарите отстранети од Собранието
Со пресудата за случајот „Селмани и други против РМ“ за првпат се утврдува повреда на правото на слобода на изразување од страна на Република Македонија, кое е заштитено со членот 10 од Европската конвенција за човекови права, велат од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП.
Според ЕСЧП, оваа повреда настанала како последица на отстранувањето на апликантите од собраниската галерија од страна на собраниската служба за обезбедување. Истовремено, ЕСЧП констатира и повреда на правото на правично судење од членот 6 од Конвенцијата поради неодржувањето на усна расправа пред Уставниот суд.
„Во однос на членот 6 од Европската конвенција за човекови права, во својата пресуда ЕСЧП нотирал дека правилното спроведување на правдата во овој случај барало неопходно одржување на усна расправа во постапката пред Уставниот суд во која се одлучувало по барањето за заштита на слободата на изразување и правото на јавно изразување на мислата, поднесено од страна на апликантите врз основа на членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членот 51 од Деловникот на Уставниот суд. Тоа било констатирано во светлина на специфичните околности на овој случај, при што одлучувањето по таквото барање според ЕСЧП не подразбирало само расправање на правни прашања, туку и утврдување на фактичката состојба врзана за отстранувањето на апликантите од Собранието, која вклучувала и факти кои биле спорни меѓу страните и можеле единствено да бидат утврдени по пат на усна, јавна расправа. Дополнително, ЕСЧП заземал становиште дека Уставниот суд при одбивањето на барањето на апликантите за одржување на усна расправа не изнел какви било причини поради кои тој сметал дека истата не е неопходна“, образложуваат од Бирото.
Што се однесува до повредата на членот 10 од Конвенцијата, додаваат од Бирото, ЕСЧП го применил во целост тестот на пропорционалност, што е вообичаена методологија на анализа на основаноста на жалбените наводи кои се однесуваат на оваа одредба.
„Врз таа основа, тој најпрво утврдил дека отстранувањето на новинарите, кои се јавуваат како апликанти во конкретниот случај, од собраниската галерија, од каде што известувале за текот на собраниската седница, довело до вмешување во правото на слобода на изразување, дека тоа имало правен основ во Законот за Собранието и Деловникот на Собранието, кои даваат овластување за преземање на соодветни мерки од страна на собраниската служба за зачувување на редот во собраниската зграда, а истовремено било преземено за остварување на легитимната цел за зачувување на јавната безбедност и спречување на нереди“, истакнуваат од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП.
Во својата пресуда, посочуваат од Бирото, ЕСЧП ја потенцирал значајната улога на новинарите во вршењето на нивната функција за известување на јавноста за прашања кои се предмет на легитимен јавен интерес и ги имал предвид специфичните околности на овој случај.
„Во таа смисла и во светлина на одлуката на Уставниот суд од 16 април 2014 година, со која било одбиено барањето за заштита на слободата на изразување, ЕСЧП констатирал дека причините кои биле изнесени од страна на Уставниот суд за да се укаже на неоснованоста на тврдењата на апликантите биле релевантни, но не и доволни за да го оправдаат отстранувањето на апликантите од галеријата. Со тоа, ЕСЧП заклучува дека настанала повреда на членот 10 од Европската конвенција за човекови права“, велат од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП.
СТРАЗБУР ПРЕСУДИ ВО КОРИСТ НА НОВИНАРИТЕ ОТСТРАНЕТИ ОД СОБРАНИЕТО ПРИ ДЕБАТАТА ЗА БУЏЕТОТ
M.В