/ Прочитано:

1.402

Битолските адвокати го одбележаа Денот на битолската адвокатура: „Сеќавањето на минатото е енергија за иднината“

На 16.12.1976 г. адвокатите од Битола за првпат формално и правно одлучија да регистрираат Општинска адвокатска организација (ОАО), која имаше за цел да ги штити и да ги застапува интересите на адвокатурата. 

16 декември – Ден на адвокатурата и адвокатите на Битола

Континуитетот на таа организација го продолжи Адвокатската заедница на Битола, која, во согласност со Правилникот за работа на Адвокатската заедница донесен од страна на АКРМ, има обврска да презема активности за заштита на адвокатурата и за застапување на интересите на адвокатите, како и за зачувување на угледот на адвокатската професија.

По тој повод, адвокатите од Битола, преку Адвокатската заедница на Битола, донесоа одлука од оваа година да го одбележуваат 16 декември како Ден на адвокатурата и адвокатите на Битола.

На 16.12.2014 г  се одржа свечен состанок на Адвокатската заедница на Битола и пригодна прослава на која присуствуваа повеќе од 100 адвокати, адвокатски приправници и стручни соработници. Со состанокот претседаваше адвокатот Иван Рутевски, потпретседател на Адвокатската заедница Битола.

Делегација од тројца адвокати од збратимената Адвокатска комора од Крагуевац

На прославата гостуваше и делегација од тројца адвокати од збратимената Адвокатска комора од Крагуевац, во состав: адвокат Звонко Марковиќ, претседател на Комората, адвокат Борис Рибаровски, заменик-претседател на Комората и адвокат Милован Стојановиќ, член на УО на АКК, која по повод овој свечен ден за адвокатите од Битола ѝ подари уметничка слика на Адвокатската заедница Битола.

Во поздравниот говор претседателот на АК од Крагуевац ја поздрави идејата 16 декември да се одбележува како Ден на битолската адвокатура и ги пренесе братските поздрави од адвокатите од Крагуевац. Пригодата ја искористи да ги покани адвокатите од Битола на новогодишната забава на 26.12.2014 во Крагуевац и упати јавна покана за следната година за традиционалната адвокатска слава на адвокатите од Крагуевац по повод 15 јуни, Денот на св. Јустин Филозоф.

Адвокатот Борис Рибаровски, не можеше да го скрие задоволството од неговата прва посета на Битола како член на адвокатската делегација и од впечатоците од посетата на Музејот во Битола и средбите во Основното јавно обвинителство, средбата со претседателот на Основниот суд во Битола, судијата Јордан Врбовски, и со колегите адвокати. Посебно нагласи дека Битола ја чувствува за свој град затоа што неговиот татко е по потекло од Битолско.

Сотир Главинче, доајен на битолската и на македонската адвокатура: Адвокатурата е една од најбитните општествени професии

Присутните ги поздрави и адвокатот во пензија, Сотир Главинче, доајен на битолската и на македонската адвокатура, во својство на прв претседател на ОАО на Битола и еден од десеттемина нејзини основачи во 1976 г. Во својот емотивен говор упати порака за зачувување и потврдување на угледот и достоинството на адвокатурата, како една од најбитните општествени професии, која мора да биде независна и слободна. Укажа дека во својата четиридецениска адвокатска кариера во Битола имал задоволство да се оформи како личност во опкружување на исклучителни колеги – адвокати, кои уживале голем углед на национални и меѓународни простори, кои биле високо професионални, совесни и етички личности.

На состанокот посебно беа поздравени осумте адвокатите што оваа година се запишаа во Именикот на адвокатите при АКРМ, како и адвокатите што одбележуваат јубилеј во својата адвокатска кариера од 15, 20 и 25 години.

Да се обедини и заживее адвокатскиот еснаф во градот како што било одамна

На адвокатите Слободан Димитров и Нада Додовска им беа подарени уметнички слики од сликарот Драган Најденовски по повод нивното пензионирање.

Адвокатот Слободан Димитров им се заблагодари на своите колеги и изјави дека е среќен што почна да се негува традиција за одбележување на овој ден во Битола, што овозможува да се обедини и заживее адвокатскиот еснаф во градот како што било одамна.

Битола е град на адвокатурата, исто како што е град на конзулите

На крајот свое обраќање имаше и претседателот на Адвокатската заедница на Битола, адвокатот Никола Главинче, кој меѓу другото изјави:

„Битола е град на адвокатурата, исто како што е град на конзулите. Сеќавањето на минатото е добивање енергија за иднината. Имаме плејада на адвокати што ја поставиле адвокатурата на високо ниво во општеството и преку нивното споменување добиваме сила за предизвиците на новото време. Оваа прослава и свеченост покажува една позитивна енергија на адвокатите кои за првпат се заедно во толкав број. Посакувам од година во година оваа активност да ги надмине локалните рамки и да прерасне во симбол на професионалноста, пријателството и добрата волја на адвокатите. Имавме успешна година со низа активности што ги остваруваат нашите обврски од правилниците на АКРМ. Сите тие активности се организирани со голем ентузијазам и од сопствени средства на адвокатите“.

Претседателот ги повика своите колеги, како и досега, и во иднина во својата работа да постапуваат во согласност со највисоките етички принципи и во слободното време да му помагаат на општеството, вклучувајќи се во активностите на хуманитарните организации и во општествено корисни форми на организирање. На тој начин, нагласи тој, ќе се популаризираат адвокатурата и духот на адвокатите, кои секогаш застануваат во заштита на граѓаните во случај на повреда на нивните права и слободи и во заштита на нивните правни интереси.

„Ако одам во Битола“ – дело на битолскиот адвокат Петар Горгиев – Калица

На прославата беше изведена и песната „Ако одам во Битола“ , чиј автор е  битолскиот адвокат Петар Горгиев – Калица.

Присутните адвокати писмено беа поздравени и од судијата Предраг Васиќ, генерален секретар на Сојузот на здруженијата на правници на Р. Србија и од адвокатот Зоран Живановиќ од Параќин.

М.В /veljanoskim@akademik.mk

12.18.2014